Наместо фер конкуренција, тендерите во здравството сè почесто се под сомнеж за наместени договори. Дури 71% од жалбите на фирмите се однесуваат за одлуката за избор на најповолна понуда, покажува најновиот извештај на Центарот за граѓански комуникации. Институциите често не ги оценуваат понудите како што треба, па се избираат фирми кои не ги исполнуваат условите, а други неправедно се одбиваат.
„Еден од најчестите проблеми се нејаснотиите во врска со потребната документација за пуштање во промет и увоз на лекови, што создава административни пречки во тендерската постапка и го зголемува ризикот од субјективно постапување. Исто така, во тендерите се поставуваат несоодветни и селективно дефинирани технички критериуми или истите се менуваат во текот на постапката, со што се создаваат услови за фаворизирање на одредени фирми и се генерира корупција“, пишува во извештајот на Центарот за граѓански комуникации.
За претседателот на здружението на дијабетичари злоупотреби на тендерите засега нема, но има сериозни доцнења и проблеми со испораката. Според Димче Велев, проблемот не е кај фирмите, туку во самата дистрибуција, односно во нарачките и налозите што ги издава Министерството за здравство, кои често доцнат.
„Тендерите ние веќе петта година бараме да се укинат, односно да се оди на отворен пазар и референтни цени, она што се планира од 2027 година. Апелирам, јас очекувам дека можеби годинава ќе почне во следниот квартал“, вели Димче Велев претседател на здружение на дијабетичари.
Во државата има 110 здравствени институции, а жалби за тендери се поднесени против 99 од нив. На врвот се градската општа болница „8 Септември“ со 58 жалби, министерството за здравство со 40 и институцијата што ги снабдува клиниките со 31 жалба. Додека анализата на 10 институции со највредни договори покажува дека најмногу жалби има кај Министерството за здравство дури речиси 10%, а над просекот се и Институтот за трансфузиона медицина, Клиниката за хематологија, Клиничката болница во Битола и Градската општа болница „8 Септември“.
„Процентот на обжалени тендери во здравството изнесува 1,95, што е помалку и од онака нискиот процент на жалби на сите набавки во земјата од 3 %. Ова укажува дека правната заштита не се користи како ефикасен инструмент за борба против корупцијата во набавките. Релативно малиот број жалби создава состојба во која здравствените институции не се под доволен надворешен притисок да ги почитуваат законските норми, што го зголемува ризикот од пристрасно доделување договори и злоупотреба на јавните средства“, велат од Центарот за граѓански комуникации.
Истражувањето е спроведено во рамките на проектот „Спречување на корупцијата во јавните набавки во здравството“ на Центарот за граѓански комуникации.
Симона Петровска
