Харис Качапор обвинет дека на пешачки смртно го прегази поранешниот директор на ОХИС Јорго Ќука седна на обвинителна клупа но судењето се одложи на барање на одбраната. Адвокатот на Качапор побара обвинителството да му ги достави електронските докази за да може да ги анализира нивниот вештак. Следното рочиште е на 23 април.
Качапор одговара за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот за кое предвидена е казна од најмалку 4 до 20 години затвор.
Сообраќајката се случи на 3-ти ноември на булеварот Гоце Делчев. Според обвинението пред крстосницата со улицата „Лазар Личеноски“, на пешачки премин не ја намалил брзината и возел повеќе од дозволеното во населеното место, 53 км/час. Не можел навремено да запре и со предниот дел од возилото удрил во велосипедот кој поминувал по пешачкиот премин. Од ударот Ќука се здобил со тешки телесни повреди од кои починал на лице место.
Не се придржувал кон прописите и со тоа го загрозил јавниот сообраќај и го довел во опасност животот на луѓето велат од обвинителството. Во обвинението стои дека е претходно осудуван но не и за кои дела. Качапор беше еден од обвинетите во предметот познат како Синџир за делата злосторничко здружување даночно затајување и перење пари. Но пред почетокот на судењето се спогоди со обвинителството и доби условна казна.
Како што претходно објави Телма Качапор бил уапсен во здравствена установа во Скопје. По сообраќајката го оставил возилото и отишол на лекар. Мвр соопшти дека е приведен после три и пол часа од сообраќајката. Иако не беше на лице место, тоа што бил пронајден во болница беше образложение дека не избегал од несреќата. Се брани од слобода. Обвинителството тогаш побара а судот му определи мерки на претпазливост. Одземени му се двата пасоша, македонскиот и српскиот и возачката дозвола, а доби и забрана за напуштање на градот и обврска да се јавува редовно во судот.
Јорго Ќука беше познат стопанственик, а повеќе од две децении прв човек на поранешниот гигант во хемиската индустрија ОХИС.
Елена Ивановска Мукоска
