Директорот на светската здравствена организација, Тедрос Аданом Гебрејесус, изјави дека СЗО досега потврдила 13 напади на здравствениот систем во Иран и уште еден во Либан, од почетокот воените напади на САД и Израел.
Тој сепак не сакаше да шпекулира кој е одговорен за овие напади или да обезбеди повеќе детали.
Во понеделникот, членот на иранската парламентарна здравствена комисија, Фатемех Мохаме Беижи, изјави дека девет болници биле погодени во Иран, обвинувајќи ги Израел и САД дека ги таргетирале.
Во однос на обвинението за таргетирање на болницата Ганди во Техеран, Израелските одбранбени сили, соопштија дека оваа болница не била цел на напад, додека и портпаролката на Белата Куќа, Керолин Левит, соопшти дека вооружените сили на САД не ги таргетираат цивилите.
Но, властите во Иран соопштија дека во координираното жестоко американско-израелско бомбардирање досега биле убиени над 1230 луѓе, најголем дел од нив цивили.
Најужасниот инцидент се случи во провинцијата Минаб, каде во ракетен напад на основно училиште за девојчиња, биле убиени меѓу 160 и 180 лица, огромен дел од нив девојчиња на возраст од 7 до 12 години.
