Ризик од нов бран поскапувања има. Но, министерот за економија Дурмиши уверува дека во моментов информациите кои до него стигаат од бизнисот се дека цените засега остануваа стабилни. Сепак, што ќе се случува понатаму зависи од воената криза. Неизвесноста на Блискиот Исток ги држи економиите во грч и тешко може да се даде прогноза што понатаму.
Сега за сега меѓународните анализи покажуваат дека цените уште се стабилни но ако се зголемат цените, постои можност за многу краток период да се стабилизираат, изјави министерот за економија и труд Бесар Дурмиши.
Какви се пак размислувањата на експертите за тоа колку може некој овој моментов да го искористи за да заработи и дали е можно да се креираат вештачко поскапување.
Не верувам дека многу брзо тоа ќе се случи иако, има шпекулации и шпекуланти кои ќе го искористат моментот да ги качат цените и да потсетиме дека во 2008 имавме 149 долари за барел, пред почетокот на големата економска криза, така што сме виделе и такво нешто, изјави во Топ Тема Митко Андреевски, енергетски консултант
Аналитичарот Виктор Андонов пак се надева дека ако ова потрае, ќе се соочиме само со повисоки цени, но не и со недостаток на енергенси нешто што би било полошо.
Од ЕСМ пак кои користа гас за парно греење чија цена скокна за над 40 отсто, велат дека до крајот на сезоната проблеми нема да има проблеми, затоа што потребните количини се претходно обезбедени.
Oд НОМАГАС, претпријатието кое врши пренос на гас во земјава, велат дека засега реализацијата на количините на гас е во согласност со планот. Но, посочуваат дека ако ова продолжи неизбежни се промени во набавките.
И од Министерството за енергетика вчера соопштија дека нафтените резерви се стабилни. Иако, моменталните количини на бензин и дизел во складовите не се за да покријат 90 туку нешто над 60 дена, од таму за Телма велат дека најверојатно ќе се надополнат, според планот.
Македонските власти секојдневно посочуваат дека состојбата се следи. Во соседството, во Србија викендов ќе се соопштат мерки.
Воената криза на Блискиот Исток за само два дена ги размрда берзите. Цената на нафтата надмина 80 долари за барел, додека гасот поради прекинот на производството од страната на Катар поскапи за над 40 отсто.
Ирена Чачкова
