Вицегувернерката смета дека Македонија не може да остане изолирана од ефектите од воената криза, но се надева дека нема да има голем ефект на банкарскиот сектор, стабилноста на денарот и инфлацијата.
„Во овие сценарија не се чувствуваат притисоци како во 2022 година коишто би можеле сериозно да влијаат на инфлациската динамика. Ефекти може да има, меѓутоа не таков интензитет и силина и динамика како во минатото. Во однос на реакцијатаз на граѓаните, точно е дека во периоди на криза, поради екстерни фактори, меѓутоа и поради различни шпекулации се случувало да има епизоди на повлекување на депозит или конверзија од денари во девизи, но тоа секогаш биле краткотрајни и ограничени. Но ќе потенцирам дека нема никаков ризик во однос на девизниот курс или во однос на стабилноста на банкарскиот сектор која би испровоцирала притисок за вакво однесување кај граѓаните “, рече вицегувернерката Митреска.
Во делот на девизните резерви Митреска објаснува дека Народната Банка не само што успева да ја задржи макроекономската и финансиската стабилност туку дополнително ја и зајакнува.
„Паралелно со справувањето со кризите ние градиме простор и капацитет за да може да реагираме на нови шокови безболно како што е овој. Во овој период гледаме значително забавување на инфлацијата која тековно е некаде околу 3% и тоа ни остава малку поголем простор за реакција во вакви околности, но за нас со оглед на тоа што водиме политика на стабилен девизен курс на денарот во однос на еврото, како клучно сидро за макроекономската стабилност еден од главните параметри се девизните резерви, бидејќи преку нив се гледа нашата способност, и нашиот капацитет, и соодветно да реагираме на притисоците врз курсот“, изјави Митреска.
Т.Д.
