Најмалку два брода биле погодени од непознати проектили во близина на Ормускиот теснец, соопшти Британскиот центар за поморски трговски операции. Еден брод бил погоден источно од теснецот, додека друг бил оштетен во близина на Обединети Арапски Емирати, но продолжил со пловидбата.
Поради заканите од Иран, меѓународниот бродски сообраќај речиси запре на влезот во клучниот енергетски коридор низ кој поминуваат околу 20% од светските испораки на нафта и гас.
Според податоците на аналитичката платформа „Kpler“, најмалку 150 танкери се закотвиле во водите на Заливот, додека само неколку ирански и кинески бродови успеале да минат.
Данскиот бродски гигант „Maersk“ соопшти дека ги прекинува пловидбите низ Баб ел-Мандеб и Суецкиот Канал и ќе ги пренасочи бродовите околу Ртот на Добрата Надеж.
Тензиите веќе се одразуваат на пазарите – вонберзанските зделки покажуваат скок од околу 10% на цената на нафтата „брент“, на околу 80 долари за барел, а аналитичари предупредуваат дека може да надмине и 100 долари доколку кризата се продлабочи.
И покрај одлуката на ОПЕК+ да го зголеми производството, експертите оценуваат дека евентуално долготрајно затворање на теснецот би имало сериозни последици врз глобалното снабдување и цените на горивата.
