Бугарската претседателка Илијана Јотова денеска ја именуваше новата преодна влада која ќе ја води земјата до одржувањето на последните предвремени парламентарни избори, кои најави дека ќе ги распише за 19 април. Токму спроведувањето на изборите Јотова го именуваше како најважна задача на владата, покрај справувањето со загриженоста на јавноста поради вртоглавиот раст на трошоците за живот.
„Очекувањата на бугарските граѓани се многу високи. Нема да ги имате 100-те денови толеранција, всушност, ми се чини дека нема да имате ниту 100 минути толеранција. Вашата најважна задача е подготвување и спроведување на фер и во согласност со законите на државата парламентарни избори“, изјави Илијана Јотова, претседателка на Бугарија.
Најновиот бугарски технички премиер е Андреј Ѓуров, доскорешниот заменик гувернер на Централната банка. Изборите на 19 април ќе бидат осмите по ред предвремени парламентарни избори последниве шест години во Бугарија.
„Луѓето треба да знаат дека ќе има одговорност за сите нарушувања за време на изборите. Од другата страна, многу важно е министерот за внатрешни работи да биде човек што не е поврзан со некоја политичка партија, да не може да биде обвинет дека води политичка кампања, или уште повеќе дека со своите постапки ѝ помага на некоја партија“, рече Андреј Ѓуров, технички премиер на Бугарија.
