Излегува од рамките на подредената слика за јавноста и го отвора срцето пред публиката. Монодрамата за Џеки Кенеди -Оназис Ли Бувие, што премиерно ќе биде изведена вечерва на малата сцена на Драмски театар, низ изведбата на актерката Трајанка Илиева- Велиќ, фрла светлина врз неискажаното од животот на некогашната прва дама на САД, допирајќи универзални женски теми.
- Зборува за многу теми кои што и биле проблем во животот, на некој начин. Можеби ја фрустрирале, но тогаш не смеела да говори за нив, се разбира. Сега прв пат , кога е на крајот од својот животен пат, прв пат се осмелува да ги каже тие работи, рече Трајанка Илиева- Велиќ, актерка .
Џеки зборува низ сеќавања и преку исповеди за политичките случување , но и за интимни нешта од заедничкиот живот со Џон Кенеди. Дејствието е пласирано низ драмска и игра со кукла, која повремено се доизразува со употреба на микрофон.
Монодрамата е исечок од претставата „ Драми на принцезите“, која по тектот на нобеловката Елфриде Јелинек во 2024 година ја постави словенечката режисерка Жива Бизовичар, според драматизација на Ник Жнидаршиќ.
Поради херметичноста на првиот дел, претставата не заживеа, но остана монодрамско парче кое Велиќ и Бизовичар го пренаменија за малата сцена на Драмски театар.
- Голем број од колегите ми го предложија тоа. Во случај да не оди „ Драми на принцезите“ на репертоарот или евентуално кога ќе падне од репертоарот , да ја направам монодрама. Дека не смеам да ја испуштам таа шанса, вели актерката Илиева- Велиќ.
Со мерка во емоциите , без патетика во солзите и низ говор со перфектен стандарден македонски јазик, Трајанка Илиева- Велиќ направи монодрама која потсетува на старите добри времиња во театарот и гарантира долг век на репертоарот на Драмски.
Сотир Трајков
