Министри од шесте земји од Западниот Балкан и претставници на Европската комисија денеска ќе одржат состанок во онлајн формат посветен на предизвиците со кои се соочуваат превозниците од регионот при патување и престој во Шенген зоната.
На состанокот ќе присуствуваат министри за внатрешни работи, за транспорт и за европски прашања од земјите од Западниот Балкан и претставници на генералните директорати на Европската комисија за проширување и источно партнерство за мобилност и транспорт и за миграција и внатрешни работи.
Прашањето за предизвиците на превозниците беше актуализирано со минатонеделната блокада на граничните премини кон Шенген зоната од страна на камионџиите во регионот, по што во средата се одржа средба меѓу претставници на Комисијата и амбасадорите на шесте земји од Западен Балкан во ЕУ.
Портпаролот на ЕК за внатрешни работи, Маркус Ламерт, во петокот изјави дека Комисијата е свесна за загриженоста што ја изразија транспортните оператори од Западен Балкан, внимателно ја следи ситуацијата и е во контакт со партнерите од регионот.
Претседателот на Српската стопанска комора, Марко Чадеж, изјави дека блокадите на товарните терминали на границите со Европската Унија го запреле извозот од регионот за 93 проценти, предизвикувајќи дневенa штета од приближно 92 милиони евра, односно 109,95 милиони долари.
Македонија и Црнагора ги прекинаа блокадите на граничните премини, по четири дена блокади додека превозниците на товар од Србија и Босна и Херцеговина продолжија да ги блокираат товарните терминали на граничните премини. ЕК на 29 јануари објави нова визна стратегија што би го решила проблемот со ограничувањата за престој на професионалните возачи во Шенген зоната.
