Вести Македонија Топ вести

Сејф сити на готовс, ама законот со кој се дозволува електронско испраќање на казни чека во Собранието

Сејф сити треба да стартува со казни и глоби од први февруари, е планот на власта. Но, измените на законот за прекршоци се заглавени во Собранието бидејќи опозицијата досега нема одлучено дали и како ќе го поддржи двотретинското мнозинство потребно да се усвои последната потребна измена на Законот за прекршоци од законскиот пакет за Сејф сити. 

Иако рокот за почеток на казнување со Сејф сити е први февруари, во Собранието нема абер од усвојување на последните законски измени, оние во законот за прекршоци- за да може да се користи електронска пошта за испраќање на записници за прекршоците фатени со камерите. Потребно е двотретинско мнозинство, кое власта без гласовите на опозицијата го нема.

Претседателот на Собранието Африм Гаши на денешниот брифинг со новинарите потврди дека меѓу пратеничките групи сè уште нема договор да се усвојат измените на Законот за прекршоците.

-Кога ќе се постигне договор, законските измени веднаш ќе бидат ставени на собраниска седница на гласање. Досега на координациите на пратеничките групи немаше забелешки во врска со текстот на измените. Тоа што овој закон не е поддржан е прашање на договор меѓу пратеничките групи, рече Гаши на редовниот брифинг со новинари. 

СДСМ уште разгледува и гради став за законските измени, ни одговори координаторот на пратеничката група, Оливер Спасовски.

ДУИ пак засега се изјаснуваше против тврдејќи дека не се консултирани за измените во законскиот пакет потребен за функционирање и употреба на Сејф сити.  Сите останати 5 закони поминаа, но само за Законот за прекршоци е потребно двотретинско мнозинство и тој е на стенд бај.

Пробната употреба на Сејф сити покажа резултати во намалувањето на бројот на сообраќајни прекршоци, но и за повнимателно возење особено по улиците на главниот град и автопатиштата.

МВР потврди дека сите снимки на кои нема прекршок ќе се чуваат 30 дена по што ќе се бришат, додека оние снимки на кои е регистриран прекршокот се чуваат до завршување на сите постапки и застарување.

Прашања предизвикуваат и начинот на чување на тие лични податоци и заштитата на приватноста на граѓаните чии возила биле фатени со сејф сити.

Со измените на Законот за прекршоци се регулира само начинот на издавање на записници за прекршокот кои ќе може да се доставуваат и електронски без потпис на прекршителот бидејќи прекршокот не се регистрира на лице место.

Миомир Серафиновиќ

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Урсула фон дер Лајен ќе го донира пиштолот кој го доби од претседателот Ердоган на Самитот во Анкара

Tea Dimkovska

Тројца приведени од кои двајца доктори, претреси на пет локации во Скопје – се проширува истрагата за ботоксите

Sasko Dimovski

Обвинителството побара подготвителна постапка и мерки за четворица малолетници за случајот на врсничко насилство во Аеродром

Sasko Dimovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе