Сејф сити треба да стартува со казни и глоби од први февруари, е планот на власта. Но, измените на законот за прекршоци се заглавени во Собранието бидејќи опозицијата досега нема одлучено дали и како ќе го поддржи двотретинското мнозинство потребно да се усвои последната потребна измена на Законот за прекршоци од законскиот пакет за Сејф сити.
Иако рокот за почеток на казнување со Сејф сити е први февруари, во Собранието нема абер од усвојување на последните законски измени, оние во законот за прекршоци- за да може да се користи електронска пошта за испраќање на записници за прекршоците фатени со камерите. Потребно е двотретинско мнозинство, кое власта без гласовите на опозицијата го нема.
Претседателот на Собранието Африм Гаши на денешниот брифинг со новинарите потврди дека меѓу пратеничките групи сè уште нема договор да се усвојат измените на Законот за прекршоците.
-Кога ќе се постигне договор, законските измени веднаш ќе бидат ставени на собраниска седница на гласање. Досега на координациите на пратеничките групи немаше забелешки во врска со текстот на измените. Тоа што овој закон не е поддржан е прашање на договор меѓу пратеничките групи, рече Гаши на редовниот брифинг со новинари.
СДСМ уште разгледува и гради став за законските измени, ни одговори координаторот на пратеничката група, Оливер Спасовски.
ДУИ пак засега се изјаснуваше против тврдејќи дека не се консултирани за измените во законскиот пакет потребен за функционирање и употреба на Сејф сити. Сите останати 5 закони поминаа, но само за Законот за прекршоци е потребно двотретинско мнозинство и тој е на стенд бај.
Пробната употреба на Сејф сити покажа резултати во намалувањето на бројот на сообраќајни прекршоци, но и за повнимателно возење особено по улиците на главниот град и автопатиштата.
МВР потврди дека сите снимки на кои нема прекршок ќе се чуваат 30 дена по што ќе се бришат, додека оние снимки на кои е регистриран прекршокот се чуваат до завршување на сите постапки и застарување.
Прашања предизвикуваат и начинот на чување на тие лични податоци и заштитата на приватноста на граѓаните чии возила биле фатени со сејф сити.
Со измените на Законот за прекршоци се регулира само начинот на издавање на записници за прекршокот кои ќе може да се доставуваат и електронски без потпис на прекршителот бидејќи прекршокот не се регистрира на лице место.
Миомир Серафиновиќ
