Додека едните ги бројат освоените општини како симбол на промена, другите гледаат на вкупните гласови како доказ за континуитет. Нова ера во албанскиот политички блок или само уште едно продолжение на долгогодишната битка за наративот – кој победил?!
Повторените избори во четири општини завршија и официјално, а најголемата политичка битка се биеше во Гостивар, помеѓу коалицијата Национална алијанса за интеграција и Вреди.
Ваљбон Лимани, кандидат на коалицијата НАИ, предводена од ДУИ, освои двојно повеќе гласови од кандидатот на Вреди, Невзат Бејта. И Врапчиште добива градоначалник од опозициската коалиција – Исен Шабани од НАИ го победи независниот кандидат Зуљхајрат Демири. Во Маврово и Ростуше победи кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Онер Јакуповски, а нов градоначалник на Центар Жупа е единствениот кандидат Аријан Ибраим од Демократската партија на Турците во Македонија.
Ден по комплетирање на локалните избори, владиниот коалициски партнер Вреди се прогласи за водечка сила кај албанскиот електорат во земјава, а им честитаа и на кандидатите на опозицијата кои освоија градоначалнички мандат.
„Овие избори јасно докажаа дека Албанците зборуваа со еден глас. Десетте освоени општини се неоспорен доказ дека ВЛЕН е политичката локомотива на Албанците, силата што води, обединува и носи долгоочекувана промена на локално ниво“, велат од Вреди.
Сосема поинаква е пораката што доаѓа од ДУИ. За нив, изборниот процес веќе ја потврдил нивната доминација. Тврдат дека победата на партијата е голема и на повторените избори, како доказ за тоа кој е политичка сила кај етничките Албанци во Македонија.
„Народот гласаше и народот одлучи. Тоа е една голема победа – без разлика што ќе кажат тие. Ние сме победници и не само на овој круг туку и на 19 октомври бевме победници. Тоа е голема победа за нас и тоа е една можност да кажеме дека ние сме сила“, вели Бесник Рамети од ДУИ.
Во случајот со овие повторени избори не се бараше излезност од една третина од гласачите, туку за да се избере градоначалник потребно беше за еден од кандидатите да гласаат повеќе од половината излезени избирачи. Излезноста во четирите општини вчера беше помала во споредба со претходното гласање.
Петар Догов
Б.С.
