Млекото од домашни производители во продавниците во најголема мера е од македонски крави, но сирењето и кашкавалот најчесто се од увозно млеко. Македонија не произведува доволно за да ги задоволи своите потреби, па троши десетици милиони евра за увоз на млеко и млечни производи.
Статистиката покажува дека производството на млеко во Македонија се намалува во изминатите пет години. Во 2020 година, на пример, биле произведени 447 милиони литри млеко, по што почнува големиот пад. Во 2023 биле произведени 283 милиони литри, а минатата 2024 ситуацијата малку се подобрила со 323 милиони литри. За пет години производството се намалило за 30 проценти.
Сточарите со кои разговаравме велат нема логика – цените во маркетите растат, откупната цена паѓа. Сега го продаваат по 30 денари за литар.
-Сè уште оди работата со сточарството надолу, бидејќи нашите откупни цени се мали, а малопродажните се многу високи и ќе дојде народот да страда за едно парче сирење и кашкавал и еден литар млеко. Имав 20 грла крави, ама според ситуацијата ги намалив и сега се 17. Произведувам млеко, во просек од 100-130 литри дневно. Работиме сточарство, но ситуацијата е многу тешка. Проблемите во сточарството се многу големи. Цената на млекото и оваа 2025 година, како и лани 2024 година се намалија, лани еден денар, годинава уште еден денар, така што цените на суровото млеко се намалуваат, а во маркетите се зголемуваат. Проблемите наши се многу големи, немаме доволно средства на цела таа работа да ја прехраниме стоката. Годината ни беше многу сушна, сега есента со многу дождови, така што едно е добро, друго не чини“, вели Тони Петковски Пашата, сточар од потпелистерското село Велушина во битолско.
Велушина е добра илустрација за празнењето на селата. Пред четириесетина година во ова село имало над 1200 жители, а резултатите од последниот попис покажуваат дека во 2021 година таму живееле 165 луѓе во 44 домаќинства, односно населението се намалило за скоро осум пати.
Од една страна, сточната храна е скапа, а откупните цени ниски, па сточарите велат не им се исплати да работат. Доцнењето на субвенциите дополнително им ја отежнува состојбата. Од друга, откупувачите и производителите на млечни производи велат дека квалитетот на млекото се намалува, бројот на маслени единици е низок, па домашното млеко е прескапо – суровото млеко од увоз е поевтино од тоа од домашни производители.
Младите не сакаат да работат сточарство, старите едвај постигнуваат. Во сточарството нема ни празник ни делник, ни годишен одмор, боледување или слободни денови. Стоката мора да јаде и пие секој ден. Пари за модернизација и за инвестиции и во механизација, но и во високо млечни грла нема. Владата дава субвенции од 6 денари по предадено литар млеко и 8 илјади денари годишно по крава. Петковски не гледа светла иднина за земјоделството. Кога ќе изумре нашата генерација, веќе нема да има кој да работи, вели тој.
-Имам едно мало женско теле, се отели пред четири дена. Ако го чувам и ако го обележам за него ќе добијам 3000 денари за да го чувам, а тоа за 100 дена ќе испие 300 евра млеко, така што субвенциите спрема сточниот фонд се многу мали и не се навремени. Мислам дека никој не е заинтересиран за зголемување на сточниот фонд, за бројот на грла и за модернизација, затоа што спрема овие услови, спрема овие откупни цени и субвенции, многу голем проблем е, а и младите не сакаат да работат, завршија факултети, си заминаа на подобар живот и не сакаат во сточарството. Во сточарството нон-стоп 24 часа си на работа, нема врска дали било празник или имало гости, така што ќе биде голем проблем. Еве јас на 56-годишна возраст не планирам ни да зголемувам ни да модернизирам, затоа што уште 4-5 години што ќе модернизирам и што ќе правам со овие откупни цени, кога од месец до месец не можам да преживеам, вели Петковски.
Намалување на производството на млеко е очекувано ако се има предвид огромното намалување на сточниот фонд. Бројот на молзни крави е скоро преполовен за една деценија, а драстично е намален и бројот на молзни овци. Во 2020 година во земјава имало 111 илјади молзни крави, а во 2024 нивниот број се намалил на помалку од 77 илјади. Бројот на молзни овци е намален од 451 на 340 илјади, а бројот на молзни кози е речиси непроменет на околу 70 илјади.
Министерот за земјоделство вели дека позагрижувачки од падот на сточниот фонд е намалувањето на производството на млеко. Токму затоа има промени во начинот за субвенционирање. Вели дека состојбата се влошува со години и не може да се поправи преку ноќ.
-Иако бев напаѓан од опозицијата дека ги кратам субвенциите за кравите од 12 на 8 илјади денари, тоа беше направено визионерски, затоа што се намалува субвенцијата по грло, а се зголемува субвенцијата по литар произведено млеко, сè со цел да стимулираме производство на повеќе млеко и да се работи на генетскиот потенцијал. Значи субвенцијата ја зголемивме од 5 на 6 денари по литар предадено млеко, додека субвенцијата по грло ја намаливме од 12 на 8 илјади денари, затоа што интенцијата е да се зголеми и да се стимулира млекопроизводството, бидејќи не е интерес на државата да плаќа субвенции по бројна состојба, а продукцијата да паѓа. Напротив, треба да се зголемува и продукцијата, вели Трипуновски.
Сојузот на одгледувачи на овци минатата недела се пожали дека поради доцнењето на субвенциите се на работ на опстанок. Велат не им се исплатени субвенциите за 2024, а некои не се платени од 2023. Се заканија со блокади ако не ги добијат субвенциите. Велат дека поради доцнењето, парите веќе изгубиле 20 отсто од вредноста. Во меѓувреме е поскапена и сточната храна.
-Ние со ова темпо не можеме повеќе да издржиме. Сточниот фонд се уништи, го уништија. Ние како сточари, не сме овчари, сега сме сточари, овчарите умреа, ние сме сточари. Ние сме последна генерација, над 40-50 години сме, сточниот фонд умира, субвенции не ни даваат, еден куп проблеми во овчарството имаме. Ние не можеме повеќе да издржиме. Ако тие господата не земаат К-15, дали може да издржат. К-15 им се плати за 2025, а да не земат за 2024“, вели сточарот Маријан Стојановски од Новоселани на прес-конференција пред владата во понеделникот.
Властите по неколку часа од протестот соопштија дека субвенциите се веќе исплатени и оти доцнењето било поради изборите кога не смеело да има плаќања. Сепак, сточарите реагираа дека не е платено сè, односно не е платено органското производство од 2023.
Над 80 отсто од фармите во земјава се мали, со едно до пет говеда, од раси со многу ниска продуктивност. Тоа им го прави производството прескапо. Според статистиката, една крава во Македонија годишно дава по околу 3600 литри млеко, додека европскиот просек е над 8100 литри, односно европските крави даваат 2,5 пати повеќе млеко од домашните, па и производствената цена им е пониска.
Упатените велат дека токму раситнетоста и ниската продуктивност се најголемиот проблем во сточарството во Македонија – што е поголема фармата, тоа е порентабилна. Има инвестиции и во механизација и во набавка на високомлечни грла, но сè уште недоволно за да го компензираат намалувањето на сточниот фонд.
Министерот за земјоделство вели дека затоа се работи на увоз на високомлечни сорти и се зголемени субвенциите за вештачко осеменување за подобрување на генетскиот потенцијал на стоката.
-Меѓутоа, овој генетски потенцијал мора да биде надополнет со квалитетна и добро искомбинирана исхрана и услови на чување, затоа што ако генетскиот потенцијал биде занемарен во делот на условите нема да го постигнеме ефектот. Затоа ние ќе продолжиме со поддршката да се увезуваат високо педигрирани грла на говеда, што значи високо млеко во лактација, вели Трипуновски.
Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека од почетокот на годинава до крајот на октомври, Македонија увезла млеко и млечни производи од скоро 80 милиони евра, а извозот бил 10 милиони евра.
Млеко најмногу се увезува од Босна и Херцеговина – скоро 10 милиони евра, јогурт и кисело млеко од Србија – скоро 5 милиони евра, на путер од Германија се трошат 2,5 милиони евра, сирење најмногу се увезува од Германија – над 16 милиони евра и од Србија 6,5 милиони евра.
Најмногу млечни производи Македонија извезува во Косово, а најмногу сирење во Бугарија. Надвор од регионот се извезуваат незначителни количини.
Прилогот е емитуван во емисијата Бизнис Објектив на 28.12.2025 на ТВ Телма.
Срѓан Стојанчов
