Крај на протестот објавија од Факултетот за драмски уметности во Белград откако вечерва од правец на Пионерски парк кон студентите кои протестираат било фрлано со шишиња и камења, а се слушнаа и експлозии на пиротехнички средства. Во паркот се собрани подржувачите на Вучиќ кои организираа контра протести.
„Од правец на Паркот на пионери се фрлаат шишиња и камења. Овој протест повеќе не е студентски протест. Стражарите ги симнаа маркерите. Ги замолуваме сите да го напуштат просторот околу Собранието“, се вели во соопштението на Факултетот за драмски уметности во блокада.
Луѓе се уште има на протестот во тој дел на Белград. Н1 за време на јавување во живо емитуваше невообичаена слика кога припадниците на српската жандармерија ја напуштаа парламентарната зграда за смена, се поздравуваа со демонстрантите кои извикуваа пароли против Вучиќ.
Засега не е јасно кој го предизвика инцидентот на мирните протести кои собраа над 100 илјади луѓе во центарот на Белград.
Српските медиуми објавија дека вечерва во 22 часот обраќање до нацијата ќе има претседателот на државата, Александар Вучиќ.
Денешниот протест на студентите “На 15-ти за 15-те” е кулминација на 4-месечните антикорупциски протести во Србија кои почнаа по трагедијата во Нови Сад кога во пад на натстрешница на Железничката станица загинаа 15 луѓе (меѓу нив и еден македонски државјанин). Оттогаш трае студентската борба за транспарентност и одговорност на општествениот систем во Србија воспоставен за 13-годишното владеење на партијата на Вучиќ.