Вести Македонија Најважни

Отказ по пошта и е-маил – Груби повеќе не е асистент по новинарство на тетовскиот универзитет

Поранешниот вицепремиер Артан Груби остана без работното место на тетовскиот универзитет. Груби, кој е недостапен за органите за прогон од 15 декември и е осомничен во случајот „Државна лотарија“, отказ добил при крајот на минатата година. Веста за Телма ја потврди деканот на Правниот Факултет при тетовскиот универзитет, Сафет Емурли.

„Уште од 24 декември му е прекинат работниот однос на Артан Груби како асистент по новинарство. По пошта и на службен имејл е пратено решението за отказот. Значи од тогаш веќе не е во работен однос на универзитетот“, ни изјави Сафет Емурли, декан на Правниот факултет при тетовскиот универзитет.

Универзитетот не добил повратен одговор од Груби за отказот. Тој таму бил вработен во 2012 година, но заради вршење на јавна функција, местото му било во мирување се до август, минатата година. Груби од тогаш, па се до напуштањето на државата во декември, доаѓал на работа во универзитетот. Тој во меѓувреме конкурирал и на јавниот оглас за професор и постапката била во тек. Но, сега остана и без работата како асистен, а нема да има ни звање професор.

Од владеачката коалиција „Вреди“ реагираа дека тоа што Груби добил отказ, поради неоправдани отсуства е јасен одраз на културата на неодговорност и ароганција која ДУИ ја негува со децении. Оттаму прашуваат и како може човек кој не може да ги исполни ниту своите академски обврски, да се обиде да продаде политички морал и да зборува за јавна одговорност?

„Артан Груби, познат по своето проблематично минато и по обвинувањата за бегството од правдата, не ги исполнува моралните и професионалните критериуми да предава пред студентите. Универзитетот е институција која мора да промовира интегритет, одговорност и почитување на законот. Човек кој избегнал да се соочи со правдата и кој претставува модел спротивен на овие вредности не може да биде позитивен пример за младите, затоа е посоодветна одлуката на Универзитетот да му врачи отказ на нон грата Артан Груби“, велат од „Вреди“.

Еден работник може да добие отказ, според Законот за работни односи, ако неоправдано изостане од работа три последователни работни дена или пет работни дена во текот на една година. Груби се бара со меѓународна потерница, а лидерот на ДУИ, Али Ахмети потврди дека тој се наоѓа во Албанија.

Марија Митевска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Во Катар почнуваат преговори меѓу Израел и Хамас за прекин на огнот

Дејан Дејан

Градоначалникот на Кисела Вода влегува во трка за Скопје

Дејан Дејан

Мицкоски: Нема да има данок за немажени, сакав да поттикнам дебата

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе