На стартот на новата година, државата повторно со старите проблеми. Воздухот никако да светне на зелено, а загадувањето не стави и на светскиот врв по загаденост. Синоќа главниот град се искачи на првото место по аерозагадување.
За само една недела градската власт изрече казни за над 20 сторители, а продолжуваат со засилениот инспекциски надзор.
„Град Скопје со цел подобрување на квалитетот на воздухот реализира конкретни мерки во текот на целата година односно доделува субвенции за инвертери, велосипеди, чистење оџаци, замена на азбестни кровови. Спроведува зачестено машинско чистење на улиците и пешачките површини во надлежност на Град Скопје и нивно миење кога временските услови тоа го дозволуваат согласно законските рокови“, велат за Телма од Град Скопје.
Состојбата со амбиенталниот воздух сериозно е влошена и во другите градови низ државата. Најзагадените се и Велес, Кочани и Струмица. Државните инспектори извршиле три вонредни надзори во општина Струмица на објекти со А интегрирана дозвола. Казни се уште нема.
„Акционерското Друштво за неметали Огражден дооел Струмица е задолжен да достави резулати од мерења за честички, доколку пм 10 го надминуваат прагот ќе биде казнет. Асфалтна база СИМ Инжинеринг ДОО Струмица не работи поради временските услови,а Акционерското Друштво ИГМ Еленица Струмица немал никакви прекршувања“, велат за Телма од Државен инспекторат за животна средина.
Од инспекторатот велат дека вонредни надзори имаат и Скопје, а продолжуваат и со ненајавени контроли и во останатите градови.
Екологистите до сега одржаа два поголеми протести на кој гласно побараа дека мора веднаш да се најдат решенија и мерки.
Но, за политичките партиии загадениот воздух е тема на која често се препукуваат. Претходно ВМРО-ДПМНЕ кога беше во опозиција знаеше да ја критикува тогашната влада на СДСМ и ДУИ дека ништо не преземале со години за овој проблем. Сега кога е на власт ветува мерки со кој смета дека ќе се намали загадувањето.
А СДСМ пак сега во улога на опозиција излегува со обвинувања дека државата нема намера да преземе нешто за да ги заштити граѓаните. И додека траат овие препирања, половина држава се гуши, Скопје често е на врвот на листата како најзагаден град не само во Европа туку и во светот, а годишно во Македонија поради тоа умираат над 3000 лица.
Симона Петровска