Вести Македонија Најважни

Тринаесетгодишно момче со траен инвалидитет поради петарда, 18 пациенти со акутно труење со алкохол на Токсикологија

На новогодишната ноќ со акутно труење од алкохол на Клиниката за токсикологија во Скопје биле примени 18 пациенти, а најмладиот има 14 години, додека 13-годишно дете се здобило со тешки повреди на раката од петарда и ќе има траен инвалидитет.

Генералната оценка на здравствените институции во Скопје е дека ноќта поминала прилично мирно со помал обем на работа.

„На Универзитетската клиника за токсикологија новогодишната ноќ помина прилично мирно. Прегледани се вкупно 21 пациент од кои 18 како акутни труења со алкохол. Четири од нив се женски, а 14 машки. Кај женските најмладата пациентна е 17, а најстарата 26, а кај машките најмладиот е 14, а најстариот 38 години. Вообичаено како секоја година имаме помалку пациенти од минатата година“, изјави Андон Чибишев, директор на Клиниката за токсикологија во Скопје.

Еден од пациентите измешал алкохол и таблети. Акутното труење е индивидуално и, како што појасни Чибишев, може да се случи и со две чаши алкохол.

„Труењата со алкохол до 25 години се животозагрозувачи состојби и треба  многу да се внимава, тоа е едниот проблем, а другиот е што има пациенти што тоа го зачинуват со медикаменти што  е уште поопасна состојба која може да предизвика сериозни нарушувања на здравјето. За среќа ниту еден пациент не задржан после примената терапија и сите се пуштени на домашно лекување со совет како да се однесуваат во наредните денови“, изјави Чибишев.

И дежурството на новогодишната ноќ во Универзитетската клиника за хируршки болести „Св. Наум Охридски“, според директорт Небојша Настов, поминало мирно, со вообичаен број на итни пациенти како во нормалните денови. Вкупно се прегледани 81 пациент, пет како последица на сообраќајни несреќи, тројца се од физички пресметки и извршени се три оперативни интервенции.

„За среќа во текот на новогодишната ноќ немаше повреди од петарди и огнострелно оружје, тоа беше зачестено во период пред празниците. Во последниот месец имаше 50-ина претежно малолетници на возраст од 12 до 17 години“, рече Настов, посочувајќи дека за жал најверојатно се користат се поголеми петарди со поголемо барутно полнење и оставаат трајно оштетување кај децата.

На ТОАРИЛУЦ, Ургентниот центар, КАРИЛ и Ортопедија, како што информираше доктор Игор Мерџановски, имало помалку работа за 30 проценти од претходните години.

„Направени се 35 прегледи од кои кај девет лица од сообраќајки со лесни телесни повреди и тие пациенти се пуштени на домашно лекување. Имаме двајца пациенти од физички напад, едниот е задржан на опсервација и во текот на денов ќе биде пуштен дома, како и 13-годишно дете со тешка повреда на раката од петарда, кое веќе е оперирано на Детската клиника за хирургија и најверојатно ќе биде со инвалидитет на раката. Примен е и еден странски државјанин во алкохолизирана состојба со повреда на ноост и главата, згрижен е и пуштен е на домашно лекување“, изјави Мерџановски.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

САД извршија напади врз Иран седма ноќ по ред – Иран се закани со „целосна офанзива“

Igor Trajkov

Нов археолошки локалитет кај тетовско Стенче – најдени монети и керамика од 4 век

Igor Trajkov

Брисел алармира за притисоци врз судството – власта со нови критики, опозицијата обвинува за заробени институции

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе