Денеска во 16.30 часот стартува најпрестижното натпреварување во ски-скокови, односно турнејата „Четири скокалници“. Пиус Пашке од Германија влегува како најголем фаворит сезонава, поради одличната форма во Светскиот куп.
Најновото, односно 73-тото издание на Новогодишната турнеја „Четири скокалници“ традиционално започнува во Оберздорф, Германија, потоа на 1.јануари скокачите ќе се натпреваруваат во Гармиш-Партенкирхен, а следните два натпревари се во Австрија, во Инсбрук на 4.јануари и финалето е во Бишофсхофен на 6.јануари.
Германецот Пиус Пашке можеби влегува како најголем фаворит сезонава да го освои престижниот пехар „Златен орел“ како севкупен победник на турнејата. Тој е лидер во генералниот пласман во Светскиот куп и секако најголемата надеж на Германците да го прекинат постото од 23 години. Последен Германец, кој славел на ова натпреварување е Свен Ханавалд во сезоната 2001/2002, кога триумфираше на сите четири скокалници. Меѓу најголемите фаворити секако се и Австријците Даниел Чофениг и Јан Херл, а тука може да се вмеша и поранешниот победник Штефан Крафт.
Најуспешен натпреварувач во историјата е легендарниот Финец, Јане Ахонен, кој има пет титули. Трикратниот освојувач Камил Стох од Полска нема да се натпреварува сезонава поради слаба форма, а лани трофејот го освои Јапонецот Риоју Кобајаши за кого тоа беше исто така трет триумф.