Соединетите Американски Држави имаат јасни и непобитни докази за постапките на поранешниот вицепремиер Артан Груби и апелациониот судија Енвер Беџети во примањето мито за да го спасат Сашо Мијалков од затвор. Американската амбасадорка Ангела Агелер вели дека, поради грижа за приватноста, доказите не се споделени со македонските власти.
„Ако ние можевме да ги собереме тие докази, можат и тие“, вели Агелер.
Според неа, во Македонија има епидемија на корупција, која е рак во општеството. Добро прашање е зошто македонските надлежни органи не постапувале во овој случај, рече таа.
Груби и Беџети вчера беа ставени на американската црна листа. Ним и на членовите на нивните семејства им е забранет влез во САД, а Агелер рече дека се разгледуваат и нови можни санкции против нив. Тие се санкционирани поради примање мито за поткопување на судските процеси поврзани со кривичната пресуда на поранешниот директор за Управата за безбедност и контаразузнавање Сашо Мијалков.
„Се надевам дека оваа акција јасно покажува дека Соединетите Држави можат и ќе ги користат сите алатки што им се на располагање за да ги повикаат на одговорност оние поединци чии криминални активности ја поткопуваат безбедноста, стабилноста и владејачките вредности на управување на Северна Македонија“, рече Агелер.
Судијата Енвер Беџети девет месеци го чуваше во фиока случајот „Таргет-Тврдина“ за нелегалното прислушување во кој Мијалков првостепено беше осуден на 12 години затвор. Случајот беше вратен на повторно судење, а поради измените на Кривичниот законик застаре.
На американската црна листа претходно завршија поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев, поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, поранешната специјална обвинителка Катица Јанева, градоначалниците на Струга и Карпош, Рамиз Мерко и Стевчо Јакимовски, како и бизнисмените Орце Камчев и Сергеј Самсоненко.
Срѓан Стојанчов