Вести Најважни Свет

Ѕвоната на Нотр Дам повторно се огласија – катедралата во Париз вечерва блесна со сиот сјај по обновата од пожарот во 2019 година

Ѕвоната на Нотр Дам повторно се огласија. Парискиот надбискуп, со симболично чукање на портата, ја отвори реновираната париска катедрала која беше оштетена во пожар во 2019 година. Францускиот бисер од 12-от век воскресна од пепелта и вечерва е спектакуларно осветлен пред очите на светот, а на фасадата на објектот е испишан „благодарам“ на повеќе јазици. По вечерната литургија со богослужба, за крај на денешната програма со активности е музичкиот хепенинг кој е во тек.

Отворањето на Нотр Дам беше причина за 50 шефови на држави и влади, како и членови на кралски семејства, да пристигнат во Париз. Ѕвезда на вечерта е новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, кој пред свечената церемонија, имаше средба со неговиот француски домаќин Емануел Макрон и украинскиот колега Володимир Зеленски во Елисејската палата.

Околу катедралата деновиве беше врвулица од домашни, но и странски туристи кои ги фотографии последните подготовки пред вечерашното отворање. Французите се горди на објектот за кој велат дека претставува симбол на нивната култура и духовност. И, секако, на голем број на историски настани, како што е крунисувањето на Наполеон. Ил де ла Сит, малиот остров во реката Сена, кој е дом на Нотр Дам, вечерва е затворен за туристи и нерезиденти. Церемонијата на отворање на катедралата се следеше преку големи видео екрани и долж јужниот брег на Сена.

Париз денеска и утре ќе биде буквално под полициска опсада. На сила се мерки како за Летните олимписки игри. Безбедноста е подигната на највисоко можно ниво оти сиот свет викендот ќе биде насочен кон Франција, па домаќините не сакаат да препуштат ништо на случајот и максимално се мобилизираа за да спречат било каква опасност од евентуален терористички напад.

Освен Трамп и Зеленски, отворањето на обновената катедрала во Градот на светлината ги привлече и италијанскиот претседател Серџо Матарела, неговиот германски колега Франк Валтер Штајнмаер, принцот Вилијам, белгиската кралска двојка Филип и Матилда, грчката претседателка Катерина Сакералопулу. Меѓу гостите требаше да биде и македонската претседателка Гордана Силјановска Давкова која, сепак, остана во Скопје поради, како што соопштија од нејзиниот Кабинет, дефект на владиниот авион.

Сашко Димовски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Абдулахи: Секоја пречка што ја ставаат политички партии, се мотив и енергија за независните

Дејан Дејан

Пеплоасни 15-на хекари зимзелена и нискостеблеста шума во пожарот кај Кочани

Дејан Дејан

Илиевска: Ако во 2017 година не нè перцепирале нас независните, денес се фокусирани да направат сè да не успееме

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе