Вести Македонија Најважни

Интелектуалците Албанци во заштита на албанскиот јазик

Двесте и педесет интелектуалци и универзитетски професори од албанската заедница апелираат до Уставниот суд да не ја укинува службената употреба на албанскиот јазик. Отвореното писмо до Судот го потпишаа ректорите на три универзитети на албански јазик: Абдулменаф Беџети, Јусуф Зејнели и Изет Зеќири, како и Агим Винца, Агни Дика, Нури Беџети, Јетон Шасивари, Фадил Зендели и други. Очекуваат „судот да не ги загрозува уставните вредности и да покаже чувствителност кон веќе стекнатиот статус на јазикот на втората етничка заедница“.

„Според она што сме го слушале од вас и од премиерот Мицкоски, имаме причина да се сомневаме дека можете да станете соучесници во остварување на сценарио со политички мотиви, кое го има за цел она што отворено се декларира на највисоко државно ниво. Со оглед на вашата уставна позиција, која е независна и без политички влијанија, се надеваме дека нема да дозволите остварување на вакви сценарија, кои ги повредуваат чувствата на секој Албанец“, пишува во Отвореното писмо на интелектуалците-Албанци.

Опозициската ДУИ секојдневно алармира дека ситуацијата е загрижувачка. Синоќа заседавало претседателството на партијата со проценка дека „Уставниот суд закажал седница за да го укине Законот за јазици и да го поништи Охридскиот рамковен договор и мирот што тој го воспостави“.

„Овие постапки се дел од оркестрирана кампања на нелегитимната влада и претставуваат сериозна закана за стабилноста на земјата и за меѓуетничката хармонија. В понеделник ќе заседава највисокото партиско тело за да се дефинираат конкретни мерки за спречување на обидите на Владата за дестабилизација. Ги повикуваме сите актери во овој монструозен и крајно опасен план да ја прекинат оваа лудост, бидејќи последиците ќе бидат незамисливи“, велат од ДУИ.

Од ДУИ бараат заштита на Охридскиот договор и од САД и ЕУ, како потписници и гаранти за неговото спроведување.

Од владеачката „Вреди“ уверуваат дека тие се чувари на правата на Албанците. На Али Ахмети му упатуваат забелешка дека, додека бил на власт, неговото семејство се богатело, а сега се сетил на „албанските прашања“.

„Нека се соочат со реалноста дека тие се опозициска партија и тоа ќе бидат минимум во наредните четири години. Нека не ги злоупотребуваат Албанците и јавниот простор за креирање ситуации во кои ќе се создаваат меѓуетнички тензии. Само ако ДУИ не реагира како што реагираше до сега, јас сум сигурен дека оваа ситуација ќе биде надмината без ниту еден проблем“, изјави Дритон Сулејмани од ДУИ.

Владеачката ВМРО-ДПМНЕ и Владата се уверени дека ДУИ е фактор за дестабилизација. Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во телевизиско интервју нагласи дека безбедносната ситуација не е нарушена, но будно се следи. Инцидентите од празнувањето на Денот на албанското знаме ги смета за расчистени, но изнесе сознанија дека поранешен градоначалник од ДУИ директно бил вклучен во нивната организација.

Сите партиски „препукувања“, Уставниот суд ги следи без коментар. Најавува дека в среда ќе расправа за 12 иницијативи со кои се оспорува Законот за јазици во целина и за членовите со кои се уредува службената положба и употреба на албанскиот јазик, како и процедурата на донесување и објавување. Поднесени се од ВМРО-ДПМНЕ, Левица, Светски македонски конгрес, професори, адвокати и други поединци, уште во 2019 година. Двајцата судии Албанци најавија дека ќе ја бојкотираат седницата.

Соња Николовска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Тошковски за пожарите: Се разгледуваат сите опции и сценарио кое би можело да има друга позадина

Дејан Дејан

Локално население, грчки канадери, пожарникари и војници од АРМ го гаснеа пожарот во селото Николиќ

Дејан Дејан

Почна изградбата на гасоводниот интерконектор со Грција

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе