Вести Македонија Топ вести

Арсовска – Ми ги врзуваат рацете зашто им ги фатив рачињата во медот

Danela Arsovska

Купете си точак или тротинет. Решение на проблемот со јавниот превоз во Скопје нема на повидок, ниту по вчерашната средба на градоначалничката Данела Арсовска со премиерот Христијан Мицкоски и министерот за локална самоуправа Златко Перински.

Доволно автобуси нема ни сега, а ситуацијата ќе биде уште полоша од 1 септември кога учениците ќе почнат на школо и ќе има потреба и повеќе и почести автобуси кои не постојат.

Арсовска го оцени вчерашниот состанок во владата како „политички циркус“.

Таа обвини дека блокадата во Советот на Град Скопје е организирана и оркестрирана од советниците на ВМРО-ДПМНЕ, кои ги држат скопјани како заложници. Прво не дозволуваат набавка на автобуси, а после обвинуваат дека нема автобуси. Не ја одобруваат програмата за работа на Комунална хигиена, а потоа се жалат дека не е чисто, вели таа.

„Јас сум градоначалник, но скопјани гласаа и 45 советници коишто сега само земаат 500 евра секој месец за една седница и тука на Советот не гласаат ништо. Зошто мислите дека целата вина ќе ја префрлате врз мене, кога јас да можев без нив, досега градот ќе беше среден. Не знам зошто сметате дека вината треба да е во мене за нешто за коешто јас решение имам од прв ден. Јас бев најдобриот градоначалник до септември 2022 година додека не фативме нечии рачиња во медот. Од тогаш станав најлош градоначалник“, вели Арсовска.

Министерот Перински вчера обвини дека Арсовска на состанокот во владата дошла без план за надминување на проблемите, но таа вели дека презентирала план кој не им се допаднал, па в четврток ќе предложи нов. Не бараме пари од владата, освен да си го платат долгот кон ЈСП од 8 милиони евра за бесплатен превоз на студентите. Бараме само ВМРО-ДПМНЕ да ја прекине блокадата во Советот, вели таа.

„Разбирам дека министерот Перински е неискусен во оваа работа, но верувам дека во текот на овој мандат ќе има можност практично да поднаучи кои се ингеренциите, и на Советот, и на советниците, и на градоначалникот“, изјави Арсовска.

Во советничката група на ВМРО-ДПМНЕ велат дека Арсовска уште еднаш покажала неспособност. Да се добри програмите, сите ќе ѝ ги гласаат.

„Како што гледате, сите советнички групи за жал не ги гласаат предлозите на Арсовска и тоа е доволен доказ дека не се доволно потковани како што треба. Сепак, еден градоначалник треба да дојде на седницата на Советот, како на советнички прашања, така и за останатите и да образложи што треба да се гласа од советниците во Град Скопје. Ние како советничка група од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата сме секогаш спремни да изгласаме сè што е во интерес на граѓаните, но сè во рамките на законот, и никако поинаку, никако во интерес на Арсовска и нејзините бизнис зделки“, вели Мартин Стојаноски, советник во Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ.

Арсовска стана градоначалничка кон крајот на 2021 година со поддршка на ВМРО-ДПМНЕ, но по неполна година се скараа поради тендерот за пречистителната станица тежок над 160 милиони евра. Директор на скопски водовод тогаш беше токму сегашниот министер Перински.

Арсовска тогаш обвини дека ги фатила директорчињата на Мицкоски со рачињата во медот, но не спомена конкретни имиња.

Оттогаш скопјани се жртва на нарушените односи меѓу Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ.

Срѓан Стојанчов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Удрил девојче по глава, го влечел по улица, се заканувал со секира и тесла на полицајци – предложен притвор за 23-годишен велешанец

Дејан Дејан

Ќе успееме ли овој пат енергетски да се поврземе со Албанија?

Дејан Дејан

Може да завршиш како Садам Хусеин – израелскиот министер за одбрана со порака до Хамнеи

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе