Вести Македонија Топ вести

Владата разговарала за Чебрен со човекот на Трамп за Балканот

Сега сме во фаза на прибирање информации, па потоа ќе одлучиме дали ќе ја градиме Чебрен со стратешки партнер или сами. Ова е одговорот на премиерот Христијан Мицкоски на прашањето за какво евентуално американско учество разговарале со поранешниот директор за национално разузнавање на САД, Ричард Гренел.

Мицкоски и шефот на дипломатијата Тимчо Муцуски пред два дена во Скопје се сретнаа со Гренел, човек од доверба на поранешниот американски претседател Доналд Трамп. Во соопштението по средбата наведоа дека, меѓу другото, била разгледана можноста за евентуално американско учество во енергетскиот проект „Чебрен“.

„Набргу од денеска очекувам да разработиме јасен план и набргу од денеска очекувам да почнеме и конечно да го завршиме овој проект. Дали тоа ќе биде со стратешки партнер, дали државата ќе обезбеди финансирање па самата ќе го изгради, ќе направиме јасна анализа врз основа на информациите коишто сега ги собираме. Нема да влеземе наивно во овој проект и сега да го најавуваме на големи ѕвона – готово е, завршена е работата. Не, многу сме внимателни“, изјави премиерот Мицкоски.

Мицкоски вели дека Чебрен за Македонија е од стратешко значење, затоа што не се работи само за производство на струја, туку и за обезбедување на нов резервоар за вода за идните генерации, имајќи ги предвид климатските промени, за обезбедување наводнување на над 50 илјади хектари во Тиквешко Поле, но и за можност за развој на туризмот околу новото езеро.

Гренел нема никаква функција во американската администрација, но важи за близок човек на поранешниот претседател Трамп, кој повторно се кандидира за претседател. Во администрацијата на Трамп, од 2017 до 2021 година, тој беше амбасадор во Германија, кој предизвика низа контроверзии, па специјален пратеник на Трамп за преговорите меѓу Србија и Косово.

Во моментов Гренел, кој е отворено геј, е ангажиран во приватната политичка организација „Американски центар за право и правда“, а исто така има ангажман во кампањата на републиканците за овогодинешните избори чиј фокус е придобивање на ЛГБТ гласачи за Трамп.

Ова е втора средба на премиерот Мицкоски со Гренел. Тие се сретнаа и минатиот месец во САД за време на Самитот на НАТО во Вашингтон.

Гренел важи за познавач на Балканот близок до Трамп. Во Србија, тој посредуваше во договорот со зетот на Трамп Џеред Кушнер за изградба на хотелско-трговски резиденцијален комплекс на местото на разурнатиот Генералштаб во центарот на Белград, симбол на бомбардирањето од страна на НАТО во 1999 година.

Во изминатите две децении пропаднаа 14 обиди за наоѓа стратешки партнер за изградба на Чебрен. Здружението на инженери инсистира дека владата треба сама да ја гради хидроцентралата.

Срѓан Стојанчов

 

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Ќе успееме ли овој пат енергетски да се поврземе со Албанија?

Дејан Дејан

Може да завршиш како Садам Хусеин – израелскиот министер за одрбана со порака до Хамнеи

Дејан Дејан

Мојсоска: Собранието ќе мора да ги обелодени патните трошоци на пратениците

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе