Фирмите што приредуваат коцкање преку интернет ќе бидат мета на проверки дали ги исполнуваат условите. Во прашање се доведени лиценците на сите фирми кои организираат коцкање преку интернет.
Надлежните ќе треба да проверат дали некој воопшто поседува лиценца или организираат коцкање преку интернет на диво.
Во моментов пет фирми организираат игри на среќа преку интернет. Едната е Државата лотарија, а во останатите четири фирми Државната лотарија поседува по 51 отсто од капиталот.
Коцкање преку интернет со години организира Новата државна видеолотарија, која е во косопственост со Аустриа казино, а на почетокот на годинава Државната лотарија отвори уште три фирми – едната во партнерство со бугарската Телематик Интерактив, едната со српски Моцарт и едната со црногорски Везув. Во новите фирми, Државната лотарија ја инвестира лиценцата за приредување игри на среќа на интернет, а странските партнери по над 2 милиони евра за оперативни трошоци.
Но, спорно е дали Државната лотарија воопшто поседува лиценца за организирање игри на среќа на интернет.
Според законот, коцкање преку интернет смее да организира само Државната лотарија или друга фирма каде што Државната лотарија е мнозински сопственик. Во законот е предвидено дека Државната лотарија смее да организира коцкање преку интернет до 1 јануари 2017 година, a а потоа треба да извади лиценца.
Министерството за финансии воопшто нема донесено правилници или обрасци за поднесување барање за лиценца за организирање игри на среќа на интернет, па затоа се доведува во прашање дали легално се организира интернет коцкањето.
За приредување игри на среќа без лиценца може да се добие најмалки 3 години затвор.
Министерката за финансии Гордана Димитриеска – Кочоска уште вчера соопшти дека доставила барање до Финансиската полиција и до Одделот за организиран криминал во МВР за преиспитување на законитоста во постапувањето на приредувањето интернет игри на среќа.
Инаку, една фирма од Струмица и една од Гостивар може да останат без лиценците за коцкање зашто не ги плаќале давачките кон државата, дознава Телма. Струмичката фирма работи со загуба, а гостиварската веќе неколку месеци е во стечај.
Во Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа (АПИС) велат дека сите приредувачи на игри на среќа мора да работат согласно законот.
„АПИС ги поздравува напорите на Владата и Министерството за финансии за расчистување на сите околности поврзани со причините за одземање на овие две лиценци за приредување игри на среќа, бидејќи тоа е во интерес на зачувување на кредибилитетот на целата индустрија“, велат во АПИС.
Министерството за финансии предложи одземање на лиценците, но конечната одлука треба да ја донесе владата.
Срѓан Стојанчов