Билатералните средби како можност за нормализирање на односите во регионот, а самата посета на Вашингтон како порака за правецот на надворешната политика на Македонија.
Мицкоски ја предводи владината делегација на Самитот на НАТО од 9 до 11 јули и таму ќе се сретне со бројни високи претставници, во обид да ја зајакне соработката со партнерите.
Засега нема официјални информации со кого ќе разговара македонскиот премиер, но јавноста очекува дека први на маса да бидат ставени отворените прашања со соседите.
Додека се бројат ситно деновите до одржување на Самитот, порака до владиниот врв стигна и од Пентагон. Директорот за Европа и НАТО, Олтон Бјуланд во интервју за Гласот на Америка ја реафирмира поддршката за Преспанскиот договор, но јасно даде до знаење дека на билатералните спорови не им е местото во Алијансата.
Претседателот на Владата не знаеше да одговори дали ќе разговара со Мицотакис, но порача дека ако се случи тоа, тогаш се надева дека ќе го задржат достоинството и дека ќе разговараат како партнери и како добри соседи.
Покрај решение за политичките предизвици, на Самитот на НАТО, Македонија ќе бара партнери и на полето на економијата.
„Посетата на премиерот Мицкоски има за цел да ги зајакне билатералните односи со САД, да ја афирмира Македонија како стабилен партнер и да ги промовира економските можности на нашата земја пред американските инвеститори“, се вели во дел од соопштението на Владата на Република Северна Македонија.
Уште кога го доби мандатот за состав на Влада, Мицкоски го презема и „жешкиот костен“ на меѓународните односи со соседите, а запрашан од новинарите за евентуално соочување со грчкиот колега Киријакос Мицотакис, тој одговори.
„Ајде да видиме што тие направија во овие шест години?! Ајде да видиме што правеа во минатото?! Што требаше ние да добиеме?! Ајде малку да зборуваме во поширок контекст. Не можеме работите да ги гледаме парцијално“, кажа премиерот на РС. Македонија, Христијан Мицкоски, на 6-ти јуни.
Евентуална билатералка со Мицотакис, нема да донесе голема промена, сметаат дел од политичките аналитичари.
На тоа, треба да се гледа како на можност за создавање на здрава основа за комуникација и подобрување на односите во иднина, вели политичкиот аналитичар Љуљзим Фаризи.
„Не верувам дека ќе се случи голема промена со една средба со премиерот на Грција, но сепак ќе се создаде основа односно база, за да може и во иднина да комуницираат двете страни, за да може да имаме подобри релации и односи со Република Грција. А, може да биде и прв чекор генерално за односите во регионот, за да почнеме да го решаваме и проблемот со Република Бугарија“, вели политичкиот аналитичар Љуљзим Фаризи.
Со самото тоа што првиот човек на Владата и неколкумина министри отпатуваа во Вашингтон, се испраќа порака за правецот во кој ќе се движи нашата меѓународна политика, додава Фаризи.
„Имаше шпекулации околу тоа како ќе се однесува Владата при новото владеење во државата, во смисла на тоа во која насока ќе се движи нашата надворешна политика – дали кон Западот или кон Истокот. Ние со ова покажуваме дека сме цврсти партнери на САД, НАТО и ЕУ со тоа што премиерот ќе биде дел од делегацијата во САД“, додава аналитичарот Фаризи.
Освен премиерот Мицкоски, дел од делегацијата се и министерот за надворешни работи и надворешна трговија Муцунски, министерот за одбрана Мисајловски и министерот за внатрешни, Тошковски.
Освен што ќе имаат средби, ќе присуствуваат и на специјални вечери, а ќе учествуваат и на свечениот настан по повод 75-годишнината на НАТО Алијансата.
Петар Догов
