Недостатокот на кадар е најголемата болка на Токсикологија – ама нема да се решава со „каубојски“ вработувања и спротивно на законот.
Ова го порача новиот директор на Клиниката, доктор Андон Чибишев. Вели дека Токсикологија е во организациски и кадровски колапс, но новото раководство нема да се занимава со прогон, опструкции и реваншизам и тука не треба да се бараат причините за тоа што на осумнаесет вработени со Договор на дело им е кажано веќе да не доаѓаат на работа.
Доскорешниот министер за здравство д-р Илир Демири, во вчерашната емисија Топ Тема на Телма кажа дека тие добиле отказни решенија иако имало пари за нив во буџетот.
Директорот на клиниката денес му одговори – вработените доаѓале на работа „на диво“.
„Што се однесува на Клиниката за токсикологија, мора да напоменам дека тие осумнаесет луѓе се вработени во 2023 година. Беа вработени досега, но денеска добија отказни решенија, а средства беа обезбедени од Владата на Република Северна Македонија – регуларно, почитувајќи ги сите законски прописи“, кажа д-р Илир Демири, поранешен министер за здравство, во вчерашната Топ Тема на Телма.
„Има еден документ од Министерството за финансии, тој е од април 2024 година, дека министерството се прогласува за ненадлежно за одлучување по согласностите за овие лица да добијат согласност за вработување, бидејќи се бараат во време на избори“, одговори доктор Андон Чибишев, директор на Клиниката за токсикологија.
Директорот Чибишев сега најавува дека ќе побара од надлежните институции да го проверуваат работењето на Токсикологија во изминатиот период.
Од менаџментот на клиниката велат дека со платата за осумнаесетте хонорарци е оштетен буџетот на Токсикологија за околу десет илјади евра, целиот случај е документиран и сѐ ќе биде доставено до обвинителството.
„Имам информации дека во наредниот месец ќе имаме една пообемна контрола од Финансиска полиција и тоа многу ќе ми помогне. Евентуално размислувам да повикам и државна ревизија и тоа да го провериме. Знаете, не сакам да останат дамки во институцијата, кои ние потоа ќе ги влечеме и ќе ја обременуваат работата на клиниката“, вели доктор Андон Чибишев, директор на Токсикологија.
Во однос на недостатокот на кадар, од Токсикологија велат дека се потребни околу петнаесеттина лица и пред сѐ млади кадри, бидејќи просечната старост на вработените во моментов е над педесет години.
Најавуваат и новитети во работењето и подобрување на условите за работа, нова медицинска опрема и ажурирање на протоколите за лекување на пациентите.
Петар Догов