Вести Македонија

Гир: Уставните измени се прашање кое новата влада ќе мора да го реши

Не мислам дека ситуацијата се има драстично променето од пред изборите до после нив, рече евроамбасадорот Дејвид Гир во вечерашното гостување во Топ Тема на Телма запрашан за уставните измени кои се неопходни за продолжување на пристапниот процес. Додаде дека по речиси двегодишни макотрпни преговори со Бугарија се постигнал договор со кој се одблокирал евроинтегративниот процес на земјава, но и со кој земјава преземала одредени обврски.

Дел од тој договор беше дека ќе има промени на Уставот, за вклучување на луѓето кои се идентификуваат како Бугари под заштитата на самиот Устав. Тоа не е променето, сѐ уште е таква ситуацијата. Значи, тоа ќе биде прашање кое новата влада ќе мора да го реши, директно. Секако, новата влада можеби ќе ја искористи опцијата да разговара со Бугарија, но отсекогаш велев дека имаме договор кој беше постигнат со големи тешкотии, тешко ми е да замислам дека би било можно да се пронајде подобар договор, и не гледам можност за промени во преговарачката рамка, рече Гир.

Порача дека владата мора да се вклучи и да размисли како понатаму ќе постапува по ова прашање, фокусирајќи се на клучната цел а тоа е оваа земја одлучно да напредува кон ЕУ.

Тоа е најдобриот начин, не само да го обезбеди својот просперитет, демократската средина, но исто така и ќе го зајакне својот идентитет, нешто што го видовме кај многу други земји членки, кои во процесот на приклучување мораа да направат тешки одлуки. Мислам дека прашањето сега е да се напредува по ова прашање и фокусирање на реформите и чекорите кои мораат да бидат преземени да се осигураме дека оваа држава навистина ќе може да ги ужива придобивките од членство во ЕУ, најбрзо што може, додаде Гир.

Потенцираше дека сето ова се случува поради моментумот за проширување кој во моментов постои во унијата, а постапките на самата комисија и 27-те земји членки го потврдуваат тој факт.

Гир инсистира дека Македонија е способна брзо да ги спроведе неопходните реформи и да ѝ се приклучи на унијата, но за тоа е потребна апсолутна политичка одлучност.

Постои една генерална мрачна атмосфера, чувство дека „стативата“ е поместена, дека ништо не може да се постигне. Тоа не е така, ова е мала земја, вие не почнавте од нула, всушност започнавте од значителни достигнувања, исто така вклучувајќи го и Договорот од Преспа, значајни достигнувања во многу полиња кои можат да бидат надградени. Да, ја имате потребната сила во вашата администрација, да го исполни тоа, тоа може да се случи. Значи чекорите напред се остварливи и се практични, но тоа што е потребно е апсолутна политичка одлучност, над политичките поделби, секако предводена од владата но над политичките поделби, да се рече „Ова е нашиот национален проект, сакаме да ѝ се приклучиме на ЕУ до тогаш, и ќе направиме чекори за да стигнеме до таму“, додаде евроамбасадорот.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Златко Перински е нов директор на Фондот за здравствено осигурување

Sonja Petrusevska

Владата прогласи 30-дневна кризна состојба во Гостивар

Sonja Petrusevska

Москва прогласи двајца италијански дипломати за непожелни откако Италија протера руски аташеа под сомнение за шпионажа

Sonja Petrusevska

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе