Осумкратниот светски шампион Марк Маркез од следната сезона ќе вози за фабричкиот тим Дукати во рамки на Мото ГП шампионатот и ќе му биде тимски колега на актуелниот двократен правак Франческо Бањаја.
Маркез потпиша двегодишен договор со италијанскиот тим за 2025 и 2026 година и ќе го замени Енеа Бастијанини, кој ќе бара друг ангажман. Шпанецот кој е осумкратен светски првак, шест пати во Мото ГП и два пати во пониските категории, сезонава вози за тимот на Гресини, каде прв пат седна на мотоцикл на Дукати.
Тој веднаш се вклопи и моментално е на третата позиција во генералниот пласман зад лидерот Хорхе Мартин и Бањаја. Сите шест титули во најсилната класа Маркез ги освои со фабричкиот мотоцикл на Хонда, но јапонскиот производител во последно време не е конкурентен.
Дукати од друга страна е најдоминатниот мотоцикл изминативе две години, па Маркез смета дека со тимот од Болоња има шанси за нова шампионска титула.
Претходно во Мото ГП се случија уште неколку трансфери. Хорхе Мартин од следната сезона ќе вози за фабричкиот тим на Априлија, додека фантастичниот дебитант Педро Акоста потпиша за фабричкиот КТМ.