Вести Македонија

Спорниот ДУП во Лисиче доби „амин“ од советниците – седницата помина без пренос и сокриена од очите на јавноста

Сокриена од јавноста, иако најавена со пренос во живо. Освен советниците – никој друг ниту виде, ниту слушна – што се зборуваше на 43 седница на Советот на Општина Аеродром.

На фејсбук-страницата на Општина Аеродром постои единствената трага, со најава: „Седницата можете да ја следите во живо на линкот подолу.

Но, седницата е недостапна и видеото е со ознака „приватно“.

Конкретниот ДУП воопшто не бил планиран за разгледување вчера. Но, мнозинството на ВМРО-ДПМНЕ од 16 советници ја изгласале точката на дневниот ред и го усвоиле Планот.

Со ова се отворија бројни прашања во јавноста – дали некој се обидува да сокрие детали, за седницата на која се „аминува“ таканаречената бетонизација на дел од населбата Лисиче.

Жителите веќе се мобилизираат за протести и констатираат – „умре населбата Лисиче каква што ја знаеме“.

„Комшии, без претходна најава е ставен ДУП-от на дневен ред. Ускратено нѝ е правото да се организираме на ненасилен протест со кој би го блокирале носењето на истиот. Ви ветивме само чесна и искрена борба против градежната мафија, но корумпираните советници на ВМРО-ДПМНЕ ја одлучија нашата судбина“, пишува во дел од фејсбук-статус на страницата „Да го зачуваме Лисиче“.

Од општинските канцеларии до гневните лисичани, но и целата јавност денеска пристигна одговор. Велат, ќе се гради само една зграда, а ќе има и паркови.

Наспроти критиките за затвореност и нетрансапрентност, од Аеродром велат дека со донесувањето на ДУП-от општината покажала отвореност и грижа за проблемите на граѓаните, а Планот се реализирал транспарентно и во неколку фази.

„Финалната верзија на урбанистичкиот план е изработена да го унапреди урбаното живеење и да го подобри квалитетот на животот во Аеродром и во истата се инкорпорирани забелешките и мислењата на сите засегнати страни. Целосно неточни се тврдењата за наводна бетонизација на општината и тие единствено одат во прилог на дневно политичките интереси на одредени политички структури“, се вели во соопштението на Општина Аеродром.

Пред повеќе од една година жителите протестираа со една цел – да се заштитат од сообраќајниот метеж и градската бучава и да живеат мирно во семејните куќи, подалеку од станбените блокови.

Сомнежите за корупција надвиснаа по информациите дека парцели во Лисиче со површина од над илјада квадратни метри биле купени од инвеститори како ниви, пред носењето на урбанистичкиот план.

Со вака проектираниот Детален урбанистички план, на крстосницата помеѓу булеварите „Србија“ и „12-та македонска бригада“, е вцртана дванаесеткатница.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

„Бруталистичка улица“ меѓу десет најдобри проекти на Венециското биенале за архитектура според „Артрибјун“

Дејан Дејан

Обвинителството бара казни за модуларна,обвинетите слобода – додека роднините на загинатите, 3 години и 8 месеци чекаат правда

Дејан Дејан

„Македонија 2025“: Корупцијата најголем проблем, дигитализација за развој на економијата

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе