Три години, бројни реформи и еден императив – правдата.
„Секогаш ќе се водам од таа идеја“, вели претседателката на Уставен суд, осврнувајќи се на сѐ што успеала да направи за време на својот мандат.
Кацарска има уште три дена во претседателската фотелја на Уставен, а потоа ја препушта позицијата на некој од другите уставни судии.
Судот постапуваше ажурно, кажа Кацарска во својот отчет за сработеното.
Во изминатите три години Судот успешно го надмина секој тест на непристрасност, се решија предмети кои и по десетина години стоеја во фиоките – и сето тоа додека година и половина, Уставен функционираше на работ на кворумот работејќи само со пет уставни судии, посочи претседателката.
Особено се осврна на Актот што ја регулира работата на Уставниот суд.
„Овој нов Акт на Уставниот суд предвидува и таканаречени контролни механизми за претседателите и судиите, за да не може да се чуваат предмети во фиока со години, како што за жал беше случај во минатото. Се предвидува рок од најмногу 6 месеци во кој судиите треба да го предадат рефератот и да го завршат предметот. Јас сум исполнета со беспримерно чувство на благодарност и размислување. Ме водеше мислата на непоколеблива посветеност кон уставните принципи, истрајноста да го зачуваме достоинството на Уставниот суд – мене лично, но и на сите судии во изминатите три години“, кажа во своето обраќање судијката Добрила Кацарска, претседателка на Уставниот суд на РС. Македонија.
Пред десетина дена, полицијата приведе маж кој вербално ѝ се заканувал на судијката Кацарска.
Неколку дена пред тоа, претседателката на Уставен пронашла импровизиран кревет и забоден кујнски нож, веднаш до местото каде што го паркира приватниот автомобил.
Капак на сѐ се и заканите на социјалните мрежи кои пристигнуваат речиси секојдневно.
Кацарска вели „досега не пријавував, но нападите веќе зачестија“.
„Ова се закани коишто ги пријавив. Но, јас трпам закани неколку години наназад и речиси нема недела да помине, а да немам некоја закана. Имав и физички напад, бев физички нападната, но никогаш претходно не пријавував и сметав дека се работи за изолирани случаи. Не сакав да ја оптоварувам ниту јавноста, ниту органите на прогонот. Но, со оглед на тоа што сето тоа зачести и се случува на секој втор или трет ден, јас решив да пријавам“, кажа претседателката на Уставен, Кацарска.
Утро со тајно гласање ќе се бира наследникот на Добрила Кацарска во претседателската фотелја. Потребно е двотретинско мнозинство, односно барем шест судии да гласаат од вкупно девет.
Судијката Кацарска испрати порака до нејзиниот наследник, дека очекува Судот и понатаму да биде ажурен и да постапува по сите предмети, без оглед кој поднесува иницијативи.
Мандатот на претседателот на Уставен суд трае три години, без право на реизбор.
Петар Догов