Вести Македонија

Изборна кампања за оцрнување на политичкиот противник

Неофицијалната изборна кампања најавува безмилосна и остра официјална кампања.  Традиционалните ривали ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ секојдневно даваат негативни квалификации за претседателскиот кандидат на другата партија. Се засилува вордингот и меѓу ДУИ и „Вреди.“

Опозицискиот фронт на Албанците го нарече Бујар Османи „пациент“, кој не може да ја води државата бидејќи самиот бил осомничен за корупција во предмет на СЈО наречен „пациент“.

 

-Пациентот Бујар Османи не може да бара меѓународен ветинг затоа што прво мора да почне од себе си и од пријателите. Општо е познато дека тој и неговата партија го дуизираат судството. Одат до таму што по секоја цена сакаат да го амнестираат и вратат Никола Груевски како народен херој во Република Северна Македонија, рече Фадиљ Исени од Коалицијата „Вреди“.

 

Во ДУИ се уверени во победата на Османи. Истакнуваат дека има поголем коалициски капацитет и дека со право претендира не само на влез во вториот круг туку и на целосна победа.

 

-Ниту под разно не размислуваме да не бидеме во вториот круг. Ние ќе бидеме во вториот круг и сите наши капацитети се насочени кон освојување победа на претседателските избори. И не само на овие избори, туку и на каузата што ја презентираме пред граѓаните – претседателот на државата да биде избран во Собранието, вели пратеникот од ДУИ, Арбр Адеми.

 

ВМРО-ДПМНЕ го обвини Пендаровски за признание дека тој и СДСМ ја ставиле државата во подредена положба на Бугарија, а СДСМ ги обвини Силјановска и „Белата палата“ дека се залагаат за изолација, затвореност и безнадежност.

 

-Стево Пендаровски е најконфузниот политичар кој некогаш бил избран на било каква функција во Македонија. Со Стево Пендаровски имаме измеќар на СДСМ и ДУИ. Со право народот вели – немаме држава. Време е да ја вратиме!, вели пратеникот од ВМРО ДПМНЕ, Миле Лефков.

 

-Граѓаните заслужуваат европски животен стандард, просперитетна и развиена држава, а знаат дека тоа нема да го добијат со Силјановска. Напротив, нејзиниот избор ви значел враќање назад и оддалечување од патот кон ЕУ, изјави пратеничката од СДСМ, Снежана Калевска-Ванчева.

 

Кампањата почнува на 4-ти април. До 2-ри април, учесниците во изборниот процес треба да потпишат Кодекс за фер и демократски избори.

 

Соња Николовска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

(Видео) Село Света Петка без струја – ЕВН соопшти „дивите приклучоци доведоа до пад на мрежата“

Дејан Дејан

Глобалната слободна трговија е во „криза“

Дејан Дејан

Виткоф: Статусот на украинските територии под руска контрола би биле главна тема на преговорите

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе