Забрана за учество во јавни тендери за оние кои се наоѓаат на црната листа на САД доби поддршка и од партиски претставници чии сопартијци се наоѓаат на овој непожелен список на поединци и фирми кој е скроен во Вашингтон.
Министерот Бујар Османи, чиј сопартиец, струшкиот градоначалник Рамиз Мерко ја отвори летната сезона со македонски државјани на црната листа на САД се согласува со предлогот на колегата Спасовски, оние кои се таму да добијат забрана да добиваат јавни пари на граѓаните. Но не се согласува со јавноста која смета дека владата и државата нем прават ништо со корумпираните од листата на САД.
Сличен став и од потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николовски чии поранешни партиски колеги од врвот, Груевски и Мијалков одамна се на црната листа. Но смета дека Спасовски нема кредибилитет за такви предлози.
Николовски се осврна и на спомнувањето на Заев и Рашковски во описот на црногорецот Миодраг Дака Давидовиќ кој е во новата тура непожелни на црната листа на САД поради корупција на влади и руско влијание.
Додека сите се едногласни за оние што го попишаа америкаците, нема согласност што да се прави со партиските донатори кои добиваат јавни пари пшреку тендери. Таков е примерот со најголемиот донатор на ДУИ, Еуровиа, која за 1,8 милиони евра ја подготвува салата Борис Трајковски за министерскиот самит на ОБСЕ.
Денеска таму со претседателот Пенадровски и странските амбасадори беше презентирана и специјална поштенска марка и она што го сработел донаторот на партијата на Мала Речица.
Вчера пак во Аеродром, на градилиштето на нова полициска станица која за 2 милиони евра ја гради Еуровиа беше министерот Спасовски. Двајцата се согласни дека нема противзаконски тендери за донаторот на ДУИ, но Османи не се согласува со предлогот на првиот полицаец да се забрани учество на јавни тендери за партиските донатори.
Само од нивните две министерства Еуровиа има речиси 4 милиони евра. А финансирањето на политичките партии и натаму останува проблем кој тежи на евроатлантските интеграции на Македонија.
Миомир Серафиновиќ