Вести Македонија Најважни

Претседателот Пендаровски со мали очекувања од декемврискиот самит на ЕУ

Претседателот Пендаровски без високи очекувања околу декемврискиот самит на ЕУ бидејќи државата не ги испорача уставните измени, министерот Османи пак смета дека сеуште има некакви шанси во наредните еден и пол месец да се случи чудо.

Според претседателот Пендаровски, илузорно е да се очекува одржување на втората меѓувладина конференција што практично значи отворање на поглавјата и почеток на преговорите за членство бидејќи условот, отворање на Уставот не е исполнет

Исходот од декемврискиот самит е јасен со оглед дека предусловот го имаме во европската преговарачка рамка и  очигледно не може да го исполниме. Тоа јас го зборувам една и пол година наназад бидејќи политичките реалитети беа такви во државата. Во меѓувреме, за жал, поради тврдиот став на опозицијата не се промени ништо во таа насока. Јасно е дека на декемврискиот самит не може да има позитивна одлука за нас, во смисла да се одредува тајмингот за втората конференција  со која би требало да продолжиме со преговорите. Да видиме какви ќе бидат одлуките на ЕУ во декември за останатите држави од западен Балкан меѓутоа за Македонија нема што да очекувам, го знаеме условот не го  исполнуваме, овој месец завршува скринингот тоа беше главниот предуслов да продолжиме, изјави Пендаровски

Шефот на дипломатијата Османи, смета дека во преостанатите еден и пол месец има некаква шанса да се помрдне од мртва точка. Тој нагласи дека станува збор за историски момент и повторно вината ја лоцираше исклучиво кај опозицијата.

Јас нема да престанам, да работам до последниот момент бидејќи немаме алтернатива. Почетокот на преговорите е најтешкиот процес во кој политичар може да влезе. Историјата ќе ги казни тие луѓе што ја пропуштаат и ја коцкаат оваа историска шанса пред која се наоѓаме. Ние ќе се бориме до крај за да направиме исчекор. Не можам сега да кажам дека тој процес нема да успее. Еден и пол месец во политиката е долг период во кој може да се направат големи работи. На крај со име и презиме ќе ги посочиме тие што ја прокоцкаа оваа историска шанса и ќе бидат причина за сите последици кон државата, изјави министерот Османи

Делумниот оптимизам на Османи се коси со календарот за уставни измени кој пак кажува дека доколку денеска Собранието го отвори Уставот, според процедурата, треба да помине еден месец пред текстот на предложените амандмани да се најде пред пратениците, за да продолжи собраниската процедура, по што би поминало уште два – три месеци до нивно усвојување.

Европскиот совет на кој треба да се донесе одлуката дали Северна Македонија и Албанија ги исполниле условите и обврските за преминување во втората фаза од преговорите е закажан за 14 и 15 декември.

Огнен Чанчаревиќ

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Сè уште се трага по 11 деца и еден воспитувач по разорните поплави во Тексас

Дејан Дејан

Самитот на БРИКС започна во сенка на политиките на Трамп и тензиите на Блискиот Исток

Дејан Дејан

Хеликоптер на МВР интервенира кај Блаце, пожарот сè уште активен – сообраќајот се одвива отежнато

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе