На семјеството му се извини, пред судот призна вина, а денеска му се забалгодари и на својот адвокат, пред да биде спроведен во притвор. Ангелчо Николов ја прагазил 11-годишната Магдалена Иванова која што загина на лице место на пешачки премин во Велес. Судот во Велес му изрече само две години пониска казна од максималната.
Николов по несреќата избегал без да укаже помош на повреденото девојче и нејзината мајка која се здобила со тешки телесни повреди. При изрекувањето на пресудата, судијката Габриела Гајдова наведе дека отежителна околност е и тоа што загинатото девојче било дете единец.
Николов ја призна вината на првото рочиште на судскиот процес, а беше обвинет за две дела, за „Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот„ и за „Неукажување на помош на лице повредено во сообраќајна несреќа“. Судот му изрече единствена затворска казна од 18 години.
Сообраќајната несреќа се случи на 17-ти декември, а возачот Николов избега од местото на несреќата со возилото во кое имало и неколку сопатници. Возел повеќе од двојно побрзо од дозволеното, а претходно бил во повеќе угостителски објекти. Два дена подоцна возачот се пријави сам и оттогаш е во притвор. Утврдено е дека двапати имал тешки и сериозни сообраќајни прекршоци поради што му била и одземена возачката дозвола.
Павле Беловски
