Дел од маркетите и пекарите останаа без евтиниот бел леб. Револтирани поради владината мерка со која се замрзна цената, а која е веќе на сила, од денеска производителите не го испорачуваат. Граѓаните пред камерата на Телма потврдија дека не можат да го најдат. Но, побараа да се врати, затоа што најчесто тој го купуваат.
И додека граѓаните го бараат овој леб, никој од двете страни кој влегоа во судир, денеска ги нема во јавноста. По вчерашниот владин прес, од мелничко-пекарската индустрија само потврдија дека остануваат на одлуката од пред два дена- штом ќе излезе мерката во Службен весник, нема да испорачуваат леб. Образложението е дека со замрзнати цени и укината евтина струја немаат економска исплатливост да го произведуваат. Тоа го потврди и сопственик на една пекара од Тетово.
„Брашното 100 отсто ќе се качи, плата државата како што сака ќе прави, нас не нè прашува, Тогаш министерот нека направи леб да продава, ние сме како кукла, дојдете, прашајте што како“, изјави Јавус Дурак, сопственик на пекара во Тетово.
Ако дојде до тоа да нема бел леб во маркетите, вчера министерот Бектеши без да прецизира дали би имало ненакви санкции, рече дека за тоа постојат инспекциски служби. Пазарните инспектори, пак, од утринава се растрчани на терен. Проверуваат дали на рафтовите цената е корегирана, согласно владината одлука. Но, дали се испорачува леб или не, тврдат дека тоа не е нивна надлежност да контролираат.
Ги побаравме и од Комисијата за заштита на конкурентноста. Во телефонски разговор ни соопштија дека утре ќе соопштат како ќе постапат.
Цената на белиот и полубелиот леб, цел или на парчиња се замрзна на 33 денари. Ваквата мерка ќе важи до 31 мај. Се укинува и субвенционирана струја. Евтината електрична енергија од 80 евра за мегават час, фирмите ќе можат да ја користат до 1 април кога им истекуваат договорите, а потоа ќе мора да се снабдуваат од отворен пазар.
Ваква одлука Владата одлучи да донесе затоа што според нивните анализи најголем дел од фирмите или 70 отсто кои ја користеа субвенционирана струја, не ги намалија цените.
Од пекарската индустрија пред два дена се пожалија дека освен скапите суровини, посериозен проблем за нив е немањето кадар за работа, поради што платите кај нив се движат од 600 до 1.000 евра.
Ирена Чачкова
