Гостиварци од денеска може да се бањаат или да мијат садови, но не може да ја пијат водата од чешма или да готват со неа. Управувачкиот комитет за координација и управување со системот за управување со кризи информира дека водата во Гостивар може да се користи како техничка.
„По повеќекратни испитувања на квалитетот на водата во последниве неколку дена, анализите покажуваат дека водата во Општина Гостивар конечно може да се користи како техничка вода. Што значи тоа? – Истата ќе може да се користи за бањање и за сите останати потреби во домаќинствата, но не и за пиење. Сè уште немаме потврда, согласно мерењата, дека истата може да се користи за пиење, ниту пак за подготвување на храна“, вели Панче Тошковски, министер за внатрешни работи и раководител на Управувачкиот комитет.
Експертите од скопски „Водовод“, кои помагаат во прочистувањето на водоводниот систем и на водата во Гостивар, велат дека три дена по ред во водата од чешма, на шест локации кои ги испитувале, веќе не се пронајдени фекални бактерии, ниту пак штетни соединенија кои настануваат со реакција на хлорот со органски супстанци над дозволените. Се надеваат дека во наредните денови ќе може да се добие и вода за пиење, но не посочија до кога ќе може да се заврши тоа.
„Генерално има проблем со целиот систем, со начинот на вршење дезинфекција, не е доволен, со недоволен капацитет. Во следните неколку дена ќе се обидеме да го решиме и тој проблем“, изјави Емилија Аневска, раководителка на Сектор за санитарна контрола во ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје.
Управувачкиот комитет соопшти дека ќе продолжи доставата на вода за пиење во Гостивар, се додека анализите не покажат дека е безбедна за пиење.
СДСМ, пак, реагира дека загадувањето на водата во Гостивар, заболувањето на над 4000 луѓе и задоцнетата реакција на здравствените власти покажува целосен колапс на здравствените институции и бараат кривична одговорност од здравствените власти.
ВМРО-ДПМНЕ, пак, одговори дека одговорноста треба да ја побараат во своите редови, односно кај градоначалникот Валбон Лимани, кого, како што велат, го поддржаа на изборите.
Срѓан Стојанчов
