На 73- годишна возраст денеска почина доајенката и една од основачите на театарот „ Антон Панов“ од Струмица, Тинка Ристеска, соопштија од театарот на Фејсбук.
Нејзиниот живот беше театар. На само 16 години, првпат застана на сцената на Струмичкиот театар во улогата на Донка во претставата „Бегалка“. Од тој момент започна нејзината 55 години долга кариера, во која што оствари повеќе од сто улоги и создаде ликови во претставите „ Галеб“, „ Стаклена менажерија“, „ Ромео и Јулија“, „ Магбет“, „ Лет во место“, „ Печалбари“, Женидба“ и други, што трајно ќе останат во македонската театарска меморија.
И по пензионирањето, во 2005 година, Ристеска остана верна на сцената. Во 2019 година го одбележа 50-годишниот актерски јубилеј, а во 2024 година и 55 години актерска дејност – редок јубилеј на уметник што целиот свој живот му го посвети на театарот.
Покрај театарот, остави значаен белег и во телевизиските серии, ТВ-проектите и долгометражните филмови.
Тинка не беше само голема актерка. Таа беше прекрасен човек, секогаш подготвена да помогне, да охрабри и да го пренесе знаењето. Беше мост меѓу генерациите – основачи на театарот и најмладите актери, оставајќи зад себе не само големи улоги, туку и голема човечност, се вели во соопштението од Струмичкиот театар.
Погребот на Тинка Ристеска ќе се одржи утре (вторник), во 12.00 часот на гробиштата во Струмица, а посмртните останки ќе бидат изложени од 11.00 часот во градската капела.
