Пациент заболен од маларија е хоспитализиран на Инфективната клиника, откако по враќањето од одмор во Занзибар и Танзанија добил висока температура и треска. По направените испитувања му била потврдена дијагнозата, а во моментов е под терапија и во стабилна здравствена состојба.
„Моментално е стабилен. Нормално дека сè уште ќе има епизоди на треска и висока температура. Добро е што навреме дошол на преглед и очекуваме во текот на лекувањето се да биде во ред“, изјави Фадил Цана, директор на Инфективна клиника.
Со пациентот патувала и неговата сопруга, која засега нема никакви симптоми. Директорот на Клиниката, Фадил Цана, смирува дека нема простор за паника. Посочува дека ваквите случаи не се невообичаени во летниот период, кога граѓаните патуваат во тропски земји.
„Оние кои идат во тропски подрачја треба да имаат предвид дека доколку по враќање од одмор ги имаат симптомите како треска, висока температура, омалаксаност прво треба да се вратат на лекар за да се направи епидемиолошки преглед“, рече Фадил Цана, директор на Инфективна клиника
Маларијата е сериозно паразитарно заболување што се пренесува со убод од заразен комарец. Ако не се лекува навреме, може да предизвика тешки компликации, па дури и смрт. Затоа лекарите препорачуваат сите што престојувале во тропски подрачја и по враќањето развијат симптоми, веднаш да се јават на лекар за навремена дијагноза и лекување.
Тамара Марковска
