Uncategorized Вести Македонија Топ вести

Владата ќе доделува концесии за геолошки истражувања во источниот дел на Македонија

Владината одлука за распишување концесии за проспекциски геолошки истражувања во источниот дел на државата веќе е официјализирана. Документот е објавен во „Службен весник“ на 3 јули, а според еколошкото здружение „Здрава котлина“, со него се отвора можност за доделување концесии на приватни компании за истражување на минерални суровини на пошироко подрачје кое опфаќа десетици општини.

Организацијата, која со години се спротивставува на отворање нови рудници, предупредува дека ова е почеток на процес што може да доведе до нови рударски проекти во источна Македонија. Од таму најавуваат силен граѓански отпор и ги повикуваат локалните заедници да се организираат.

„Тоа со законт што го сменија со земјиштето и така натаму, сите работи што се прават се во насока да се отвори тој рудники тоа е алармантно и луѓето треба да знаат дека сега е моментот да реагираме и тоа жестоко да реагираме зашто овде ако се отвори ако падне Иловица каде што има најголем отпор многу лесно после ќе дојдат до отворање на други рудници, а ги има многу во Источна Македонија има над 20“, вели Стојан Велков Трн, екоактивист.

Од „Здрава котлина“ оценуваат дека станува збор за, како што велат, обид државното земјиште да им се стави на располагање на приватни компании, а одлуката ја нарекуваат „претворање на државата во рударска колонија“. Активистите ги отфрлаат и уверувањата дека станува збор само за геолошки истражувања. Според нив, проспекциските активности се првиот чекор кон идно отворање рудници, бидејќи по завршувањето на истражувањата инвеститорите можат да побараат експлоатациски концесии.

Дополнително, „Здрава котлина“ предупредува дека владината одлука се совпаѓа со неодамнешните измени на Законот за минерални суровини, за кои еколошките организации веќе реагираа, оценувајќи дека можат да ги ограничат правата на сопствениците на земјиште.

Со тие измени му се дозволува на концесионерот да добие Дозвола за експлоатација и да почне да копа на туѓа, приватна земја пред постапката за експропријација да биде завршена. Вашиот приватен имот и дедовина со закон се поништени во корист на приватниот профит.

Засега нема официјално образложение од Владата по реакциите на еколошките организации. Одлуката, сепак, веќе е во сила, а најавите за нови протести и отпор најавуваат дека прашањето за рударските концесии повторно ќе биде во фокусот на јавноста.

Сузана Мицева

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Ниту се открива компанијата, ниту колку пари се потрошени – Општина Кисела Вода без конкретен одговор за пропаднатиот пат од Теферич до Сопиште

Sasko Dimovski

Дваесетина портали со домен .tv под лупа на АНБ и МВР за поттикнување тензии меѓу Македонија и Бугарија

Sasko Dimovski

Апелациониот суд ја потврди пресудата на Ле Пен, но ја намали забраната за извршување јавна функција

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе