Од една страна граѓаните се жалат од високите цени, од друга статистички инфлацијата попушта. Според последните мерења на статистичарите изнесува од 3,4 отсто во јуни оваа година во однос на јуни лани. Во овој период, пак, цените на мало пораснале за 3,6 отсто. Споредено со мај, има благо олабавување, но при пазарењето граѓаните не можат да забележат значителни промени.
Според документот на статистика, за една година од храната најголемо поскапување се забележува кај месото и маслото од над 7 отсто. Цените кај млекото, јајцата и другите млечни производи се зголемиле за 4,8 отсто. Се забележува дека има поевтинување кај овошјето и зеленчукот.
Во анкетите граѓаните, пак, повторно посочуваат дека скапотијата и високите цени се голем проблем и дека минималните корекции кај некои производи не влијаат на секојдневните трошоци, затоа што нивниот семеен буџет сè уште бил под силен притисок.
Во другите сектори, пак, за една година е регистрирано поскапување кај транспортот од над 6 отсто, кај услугите во образование – 4,6 проценти, цените во рестораните и услугите за сместување пораснале за 3,7 проценти. Зголемување има и кај здравствената заштита, кај облеката, покуќнината и слично.
За првата половина од годинава, во споредба со истиот период лани, измерена е инфлација од над 4 отсто.
Премиерот Мицкоски пред неколку дена кажа дека некои маркети работеле со повисоки маржи. Не откри кој се, но вети дека ќе разговара со нив без јавни конфликти.
Високите цени се проблем со кои се соочуваме веќе подолго време. Неколку пати имаше најави и за мерки, но одлуки за такво нешто не паднаа.
Иако за годинава првичните проценки за инфлацијата беа оптимистички, сепак и владата и НБРМ излегоа со полоши очекувања за тоа како ќе се заврши 2026 година.
Ирена Чачкова
