Кога ќе биде саниран патот од Теферич до Сопиште? – Од Општина Кисела Вода без конкретен одговор. Од таму не откриваат ниту која компанија ја извршила реконструкцијата на патот што сега се урна, ниту колку пари биле потрошени. Советниците од опозицијата реагираат дека надлежните се обидуваат да ги сокријат неправилностите при реконструкцијата на патот.
„Побаравме прво да видиме кој ја вршел санацијата и под чии насоки. А после тоа да се види што точно е санирано и да се утврди кој и како ја направил јавната набавка. Исто така еве јавно апелираме до градоначалничката ако треба ќе направиме и ребаланс на буџетот само за да се реши овој проблем“, рече Владимир Грујовски, советник во Кисела Вода од СДСМ.
„Нашиот став како политичка партија е дека таму се случил тежок криминал. Ние повеќепати реагиравме за тој пат. Меѓутоа од општина сè уште немаме одговори на нашите прашања“, реагира Петар Здравевски, советник во Кисела Вода од Левица.
Градоначалничката на Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска, пак, претходно само кажа дека тие дале одговори на сите прашања на советниците од опозицијата, а проектот се прави.
„Ние кога станува збор за информации од јавен карактер ги почитуваме законските обврски и на секое прашање кое е доставено до нас имаме одговорено. Во процес сме на примопредавање на проектот кој сега се изработува со многу темелни анализи за тоа како ова природно свлечиште, а и дополнително антропогено свлечиште, бидејќи на тоа свлечиште граѓаните одлагале шут и се создал овој проблем“, одговори Бети Стаменкоска Трајкоска, градоначалничка на општина Кисела Вода
Сепак, конкретни одговори изостанаа. Инаку, во октомври минатата година Општина Кисела Вода правеше реконструкција на патот, а два месеца подоцна од Центарот за управување со кризи соопштија дека патот не е безбеден за сообраќај. По четири месеци користење на патот настана свлечиште со огромни пукнатини на коловозот кој сега е надвор од функција.
Тамара Марковска
Фото: opstinakiselavoda.gov.mk
