Финансиски средства и стручен тим од Институтот за земјотресно инженерство и сеизмологија (ИЗИС) е помошта што Град Скопје ќе ја испрати во Венецуела по катастрофалните земјотреси во кои настрадаа над 3.000 лица, а голем број сè уште се водат како исчезнати.
На денешната седница на советот на Град Скопје беше усвоен предлогот на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, а помошта во висина од 20.000 американски долари ќе биде уплатена на сметката на Црвениот Крст во Женева и потоа дистрибуирана во Венецуела.
ИЗИС ќе постави канали за комуникација со нивните колеги во Венецуела и ќе им се стават на целосно на располагање и истовремено ќе ги договори деталите за работна посета која ќе ја покрие Град Скопје.
Венецуела беше една од многуте држави кои покажаа солидарност и финансиски ја помогнаа обновата на Скопје по катастрофалниот земјотрес во 1963 година.
„Секогаш кога некој далечен крај на светот е погоден од катастрофи, Скопје се јавува не со големи суми, туку со нешто подеднакво важно, со искуство стекнато низ болка, знаење стекнато на сопствена трагедија. Таков е и гестот што го даваме кон градовите во Венецуела, погодени од земјотреси, каде покрај скромната финансиска помош, ќе понуди и нешто поважно – експертиза“, рече претседавачот на Советот, Даме Димитровски.
