Десетина веб портали регистрирани во Македонија и еден со интернационалниот домен .tv се дел од истрагата на АНБ и на МВР поради сомневање дека се користат за организирано ширење говор на омраза и поттикнување тензии преку содржини поврзани со односите меѓу Македонија и Бугарија, особено за уставните измени, потврдија за Телма разузнавчаки извори.
Викендот за истрагата која е отворена уште во март, објави веб порталот Скопје1. Со истрагата се опфатени и 20-тина ФБ профили на организации и на поединци, како и повеќе YouTube канали. Од АНБ не одговорија на нашите прашања, од обвинителството велат дека нема пријава за такво нешто до нив, а само од МВР потврдија.
„МВР постапува по индиции за портали и профили на социјалните мрежи за кои има сомнение за сторено кривично дело „ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“. Доколку се утврди дека има елементи на кривично дело, Министерството ќе постапи во согласност со своите законски надлежности и ќе преземе соодветни мерки“, одговорија од МВР.
Проверките и сомнежите се од март и оттогаш се истражуваат, а се однесуваат на начинот на финансисрање на определени активности кои се поврзани со прокси активности на држава која не е земја членка на НАТО, а делува преку бугарски поединци и групи.
Истрагата утврдува дали и на кој начин тие организации, но и веб медиуми и профили на социјални мрежи се поврзани со центри во Софија, како и со поединци кои веќе имаат забрана за влез во Македонија.
Во обвинителството сè уште е во тек истрагата за скопјанец којшто меѓу двата лански изборни круга делел памфлети и лепел пораки за уставни измени на јавни места. Тој е осомничен дека бил дел од мрежа на протераниот бугарски државјанин и како што соопшти АНБ спроведувал „пропагандни активности, со цел поттикнување омраза, нетрпеливост и насилство помеѓу македонските и бугарските граѓани во двете земји, од позиција на недржавен прокси актер во функција на хибридно поткопување на стратешките евро-интегративни процеси на Македонија и загрозување на европската безбедност.“ Со соопштението беше посочена и ФБ група која е опфатена со истрагата.
Миомир Серафиновиќ
