Издавањето на новата А-интегрирана дозвола за цементарницата УСЈЕ ќе биде согласно строгите критериуми од Законот за индустриски емисии што ќе почне да се применува во септември во 2027 година, а процесот ќе се одвива целосно транспарентно, уверува министерот за животна средина Мухамед Хоџа.
„Новата дозвола за УСЈЕ ќе биде со параметри од новиот закон кој влегува во сила на септември 2027 година. Исто така, ветувам дека процедурата ќе биде целосно јавно достапна“, уверува Мухамед Хоџа, министер за животна средина и просторно планирање.
Од граѓанската иницијатива „Стоп за УСЈЕ“ веќе некое време одржуваат протести со барање дозволата за фабриката УСЈЕ да биде издадена со построги критериуми кои се предвидени во новиот закон, а со цел заштита на здравјето на граѓаните.
Инаку, според експертите за животна средина, Министерството за животна средина прво треба да ја објави Нацрт-дозволата за издавање на новата А-интегрирана дозвола за работа на цементарницата УСЈЕ, па дури тогаш да има соодветна јавна дебата, бидејќи во тој случај би биле познати параметрите кои се опфатени со новата лиценца за работа.
„Самата процедура за изработка и издавање на А и Б интегрирани дозволи се базираат врз најдобро достапните техники. Тоа е основата на дозволата. Тие се главни носители на дозволата. Дозволата како дозвола секако ќе биде обновена. Прашањето е дали ќе биде според старите правила од 2007 година или, пак, со новите правила од 2013 година“, вели Љупчо Стојановски, експерт за животна средина.
Законот за индустриски емисии е донесен во 2025 година, како дел од усогласувањето на законодавството на Македонија со правилата на Европската Унија за контрола на загадувањето. Законот стапува на сила идната година, во септември.
Тамара Марковска
