Обвинителството се уште чека на медицинската документација за случајот со 14 годишното момче кое беше нападнато со нож во Ченто од која зависи за какво кривично дело ќе се гонат осомничените и дали ќе се бараат некакви мерки за нив. Малолетникот на 22 јуни во паркот на улица „Финска“ бил нападнато од тројца сега осомничени лица, а МВР кривичната пријава ја поднесе во петокот 11 дена по трагичниот настан.
„Истражните дејствија непречено се спроведуваат. Наредбата за обезбедување медицинска документација е издадена, се очекува наод од вештачење, а се преземаат и други дејствија“, соопштија од ЈОРСМ.
МВР кривичната пријава ја поднесе за „насилство врз дете“. Малолетникот, според наведеното при неговиот прием на државната клиника имал пет убодни сцизни рани со ширина од 2 до 3 сантиметри. Од обвинителството зависи дали тројцата осомничени ќе се гонат за насилство или за некое друго потешко кривично дело како обид за убиство.
„Обвинителството е единствениот орган кој што треба да даде точна законска квалификација на тоа кривично дело откако ќе ги прибере сите докази од увидот, од записникот на лице место од подигнатите траги од лице место, пронајдените предмети со кои е сторено кривичното дело, од судско медицинските вештачења и итн и да го комплетираат предметот со еден обвинителен акт во кој што ќе биде точно утврдена законската квалификација дали тоа ќе биде убиство во обид, дали ќе биде насилство врз малолетници. Тоа ќе си одлучи обвинителството како единствен овластен орган согласно Законот за кривична постапка“, вели пензионираниот полициски началник Љубомир Ѓурчевски.
Двајца од осомничените се на 19 годишна возраст, а еден има 23 години. Ножот со кој беше извршен нападот полицијата го пронајде и го прати на вештачење. Осомничените беа приведени и со нив бил извршен службен разговор, а сега се на слобода. Се уште не се знае мотивот. Мајка на жртвата Џељана Селими пред неколку дена во изјава за Телма изрази сомнеж дека институциите сакаат да го заташкаат случајот, а сторителите треба да одговараат за обид за убиство.
Марија Митевска
