ФИФА донесе една од најконтроверзните одлуки на Светското првенство 2026 година, откако ја стави во мирување суспензијата на американскиот репрезентативец Фоларин Балогун.
Напаѓачот на САД доби директен црвен картон во победата против Босна и Херцеговина во првата нокаут рунда и требаше автоматски да го пропушти осминафиналниот дуел против Белгија. Сепак, Дисциплинската комисија на ФИФА се повика на членот 27 од Дисциплинскиот кодекс и одлучи казната од еден натпревар да биде суспендирана на условен период од една година.
Тоа значи дека Балогун, кој е еден од најдобрите играчи на САД на овој Мундијал со три постигнати гола, ќе биде на располагање за големиот дуел со Белгија во Сиетл. Доколку во следните 12 месеци направи сличен прекршок, суспензијата ќе биде активирана.
Одлуката предизвика жестока реакција во белгискиот табор. Фудбалската федерација на Белгија соопшти дека е „зачудена“ од потегот на ФИФА и најави дека ги разгледува сите можни опции за да ги заштити принципите на фер-плејот.
Колку е ретка ваквата одлука покажува и податокот на Би-Би-Си дека во историјата на Светските првенства имало 189 црвени картони, а само двајца фудбалери не пропуштиле натпревар по исклучување. Првиот бил легендарниот Гаринча во 1962 година, но тогаш не постоела автоматска суспензија по црвен картон, туку одлуката ја носела дисциплинска комисија.
Случајот со Балогун затоа отвори голема дебата и опасен преседан во модерниот фудбал. Американскиот напаѓач сега дефинитивно ќе биде во конкуренција за настап против Белгија, а целата ситуација дополнително ја зголеми тензијата пред едно од најинтересните осминафиналиња на Мундијалот.
