Скопје и Шкендија Арачиново ги добија бараж-натпреварите за пополнување на Првата македонска фудбалска лига. Второлигашите беа подобри од прволигашите Брера и Пелистер и изборија пласман во елитата.
Скопје со минимални 1-0 ја победи Брера на стадионот „Петар Милошевски“ во Битола, благодарение на голот на Душко Трајчевски во 88-та минута од натпреварот.
Многу подраматично беше на Градскиот стадион во Кавадарци. Шкендија Арачиново поведе против Пелистер со голот на Зани Назифи во 55-тата минута. Резултатот 1-0 стоеше сè до 98-та минута, кога Петар Петковски погоди со глава и му донесе израмнување на битолскиот тим.
Пенал-серијата исто така беше драматична, а во центарот на вниманието беше голманот на Шкендија Арачиново, Столевски, кој одбрани дури три удари од 11 метри. Тимот од Арачиново славеше со 6-5 и обезбеди историски пласман во Првата македонска фудбалска лига.
