Вести Свет Топ вести

Трамп: Никој нема да го контролира Ормутскиот теснец – санкциите кон Иран остануваат

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека САД нема да дозволат Иран да воспостави контрола врз Ормускиот теснец и оти Вашингтон нема намера да ги олесни санкциите кон Техеран, ниту да му овозможи пристап до замрзнатите финансиски средства.

За време на состанок на кабинетот во Вашингтон, Трамп порача дека Ормутскиот теснец мора да остане отворен за сите држави и го опиша како „меѓународни води“.

„Никој нема да го контролира. Ние ќе надгледуваме, но никој нема да има контрола врз теснецот“, изјави Трамп, одговарајќи на новинарско прашање за можен договор со Иран и Оман околу управувањето со стратешкиот поморски премин.

Во истиот контекст, американскиот претседател упати и остра порака кон Оман, велејќи дека земјата „ќе се однесува како и сите други, или ќе мора да ја кренеме во воздух“, по што додаде дека „ќе биде сè во ред“.

Трамп повторно ја нагласи својата позиција дека Иран не смее да дојде до нуклеарно оружје, оценувајќи дека тоа претставува најголема безбедносна закана за Блискиот Исток.

„Да не ги употребевме Б-2 бомбардерите, Иран ќе имаше нуклеарно оружје за две недели“, рече Трамп, тврдејќи дека Техеран бил „подготвен да дејствува“.

Тој повторно го критикуваше нуклеарниот договор со Иран од времето на администрацијата на Барак Обама, оценувајќи дека токму повлекувањето на САД од тој договор спречило Иран одамна да произведе нуклеарна бомба.

На прашањето дали би прифатил Русија или Кина да го преземат иранскиот залих од високо збогатен ураниум, Трамп одговори кратко: „Тоа не би ме направило спокоен.“

Американскиот претседател исто така отфрли можност за олеснување на санкциите кон Иран или деблокирање на иранските средства.

„Нема санкциски олеснувања, нема пари, нема ништо. Ги контролираме тие средства и ќе останат под наша контрола додека Иран не се однесува правилно“, изјави Трамп.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Над 8.300 повици на 112 по невремето во Скопје

Kristina Kuzmanovski

(Видео) Невремето остави големи штети зад себе

Kristina Kuzmanovski

Невремето во Штип предизвика штета и во Клиничката болница – зафатени одделенијата за Ортопедија и Интензивно лекување

Igor Trajkov

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе