Капитенот на македонската фудбалска репрезентација, Енис Барди, поради повреда на коленото ќе ги пропушти претстојните контролни натпревари против Босна и Херцеговина и Турција.
Барди се појави на собирот на националниот тим, но по извршените медицински прегледи било утврдено дека не е во можност да му помогне на составот. Македонија ќе биде сериозно ослабена за дуелите со Босна и Херцеговина на 29 мај во Сараево и со Турција на 1 јуни во Истанбул.
Селекторот Гоце Седлоски за овие два натпревари повика голем број дебитанти и повратници во репрезентацијата, со цел да ги тестира сите фудбалери пред есенските предизвици во Лигата на нации на УЕФА. Во отсуство на Барди, тимот треба да го предводи Елиф Елмас, а во составот се и Езгјан Алиоски, Ѓоко Зајков, Бојан Миовски, Дарко Чурлинов и останатите стандардни репрезентативци.
Фото: ФФМ
