Мисијата на Кирил и Методија има универзални вредности, но кои се суштинските аспекти кои треба да ги споменеме и денес ?
Тие ја создадоа словенската писменост, дело на Кирил е создавањето на глаголското писмо и тоа врз фонолошкиот систем од македонските говори од околината на Солун, а заеднички се нивните преводи на првите црковни книги и признавањето на старословенскиот јазик како рамноправен во семејството на европските народи на кои што се одвивала богослужбата. Мисијата треба да ја гледаме и од тој аспект дека е мисија за рамноправност на народите и на јазиците, што мислам дека и денес е многу актуелно.
Загрижувачки се податоците дека новите генерации, младите луѓе речиси и да не знаат кои се Кирил и Методиј ?
Да, имате право не само Кирил и Методиј, не знаат за Климент Охридски, па не знаат дури ни за Блаже Конески којшто е роден пред стотина години. Прашајте англичанец дали не знае за Шекспир или русин дали не знае за Достоевски. Значи поразително е тоа да не си ја знаеме својата историја, а зборуваме за идентитетски прашања. Па сепак децата треба да го знаат тоа уште од училишни денови.
Што е она што би можело да се направи во образовниот процес за да се надмине ваквиот проблем?
За да се надмине главно е да се разбуди свеста. Постојано како фраза го повторуваме, ама затоа треба да работат тимови. Не само филолозите да речеме Филолошкиот факултет правеше истражувања проекти за писменост, за медиумска писменост, проблемите во образованието, меѓутоа треба да се работи и со психолози и со други области коишто можат да го направат подостапно на денешните млади генерации. Поприемчиво со други алатки се служат денеска младите.
Но кога станува збор за новите генерации нивното внимание е многу кусо?
Да неодамна читав некоја анкета во Шведска што е направена кога децата ги натерале да читаат од хартија и еден од студентите вели многу сум среќен дури и плачам од среќа, затоа што првпат го разбирам тоа што го читам.
Но кога ќе направиме една споредба на кој начин зборуваат политичарите кај нас, а какво е нивото културата на говор во светски рамки ?
Неодамна слушав еден говор на британска парламентарка што го имаше во Британскиот парламент, која што доаѓа од заедниците, Индијка, која што се образувала дополнително, најмногу самообразба, затоа велам свеста е важна. И кога ја слушате мислите Шекспир зборува во Собранието, е па ние барем еден Блаже Конески да имаме во собрание би било многу поучно за сите.
Нина Стефанова
